1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цапф: Македонија има зрелост која треба решително да ја искористи на патот кон ЕУ

Горан Чутаноски4 декември 2008

Германската пратеничка Ута Цапф посакува Македонија најмногу за две години да започне преговори за членство во ЕУ. Со неа разговараше Горан Чутаноски.

https://p.dw.com/p/G94s
Ута ЦапфФотографија: Bundestag

Како ја проценувате позицијата на Македонија во Балканскиот регион? Дали Македонија е се’ уште извозник на стабилност или се’ повеќе станува увозник?

Сосема сум уверена дека таа извезува стабилност. Тоа секако има врска и со фактот што Албанците во Македонија многу добро сфатија дека е најдобро сопствената судбина да ја врзат за Македонија и дека не треба на плеќите да си товарат проблеми преку наводна солидарност со албанските браќа и сестри во околните земји. Уверена сум дека станува збор за стабилен процес. На конференцијата поразговарав со госпоѓата Теута Арифи и таа ми потврди дека Албанците во Македонија знаат каде се нивните интереси. Тие се во Македонија, во Европа и во НАТО! Поради сето тоа сметам дека не може да се очекува повторно дестабилизирање.


Според последните истражувања на јавното мислење во Македонија, Македонците покажуваат помал афинитет кон ЕУ, за разлика од Албанците во земјата. Како го проценувате ваквиот тренд?

Сметам дека Европа треба да го обнови, односно да го интензивира дијалогот со македонското население и општество доколку тој бележи тренд на слабеење. Тоа што Албанците се чувствуваат посигурни во Европа е сосема логично. Тоа е поврзано со влијанието на Европската Унија во процесот врзан за Охридскиот рамковен договор и заштитата на малцинствата. Тоа е суштината на процесот, кој е во тек. Исто така не е чудо ако Македонците развиваат чувства на одбивност кон Охридскиот договор. Згора на тоа доаѓа политиката на премиерот Груевски, како и заморот од реформските напори на патот кон европските интеграции. Од таа гледна точка можам да верувам дека истражувањето на јавното мнение што беше цитирано на конференцијата може да биде веродостојно.

Би се осмелиле ли да дадете прогноза за тоа кога Македонија би можела да почне со преговорите за прием во ЕУ?

Многу е тешко да се осмели човек да даде прогноза за терминот. Но, можам да си замислам дека преговорите за прием би можеле да почнат во наредните година - две, доколку од македонска страна дојде соодветна реакција на последниот извештај на Европската комисија и доколку во меѓувреме не се појават други кризи. Затоа не сакам да дадам цврста прогноза за наредните една или две години, иако тоа многу го посакувам. Бидејќи, Македонија од самиот почеток беше земја што во одредени кризни ситуации се покажа многу храбра. Првото што ми остави силен впечаток беше приемот на бегалците од Косово - тоа беше навистина фантастично. А второто, беше начинот на кој Македонија се справи со воениот конфликт.

Во тоа време бев токму во Македонија и можев од прва рака да ја доживеам ситуацијата и затоа имам голема почит за земјата. И тоа што таа тогаш смогна сили да го донесе договорот што денеска го нарекуваме Охридски и тоа по цена на надминување на голем број сопствени задршки. Тоа зборува во прилог на тезата дека како кај населението, така и кај политичарите постои голема зрелост. Посакувам истата зрелост Македонија да ја искористи и сега, да покаже решителност во однос на забелешките од извештајот на Европската комисија и овој пат да стори се’ за следниот извештај да биде подобар.