1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Целосно потфрлање на државата“ во случајот НСУ

Марсел Фирстенау / Александра Трајковска22 август 2013

Истражната комисија на Бундестагот за десноекстремистичката серија убиства три месеци по последното сослушување на сведоците ќе го приложи завршниот извештај. Кои поуки се извлечени од тоа?

https://p.dw.com/p/19USZ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во суштина, во Истражната комисија на Бундестагот за групата „Националсоцијалистичко подземје“ постои натпартиска согласност: безбедносните власти со години во голема мерка го имаа потценето десниот екстремизам. Девет луѓе со странско потекло беа застрелани со исто оружје во периодот од 2000 до 2006 година, и и покрај тоа, расизмот како мотив воопшто не беше земен предвид.

Само при десеттото убиство на една полициска службеничка, најверојатно изведено од НСУ во 2007 година, безбедносните органи не може да се обвинуваат за пропуст, бидејќи, барем на прв поглед, не може да се препознае десноекстремистичка позадина.

Претседателот на Истражната комисија на Бундестагот, која работи веќе година и половина, Себастијан Едати (на насловната фотографија), по сослушувањето на речиси сто сведоци оценува дека станува збор за „историски беспримерно потфрлање на властите“. Дури четирипол години по последното убиство се разоткри вистинската позадина - и тоа сосема случајно - по еден грабеж на банка во Ајзенах во Тирингија на 4. ноември 2011 година полицијата се приближи до едно сомнително комбе, кое беше запалено. Во остатоците полицијата откри две машки тела кои си го одзеле животот: Уве Бенхарт и Уве Мундлос. При истрагата полицајците го пронајдоа службеното оружје на нивната колешка Мишел Кизеветер, која беше убиена во Хајлброн.

Кратко потоа, во Цвикау, на 180 километри од Ајзенах, се случи експлозија во една куќа. Во нејзините урнатини полицијата пронајде видеоснимка со признание на НСУ-триото. На тој начин се разреши она по што речиси една деценија трaгаа голем број специјални комисии на полицијата и службениците за Службата за заштита на уставот. Според претседателот на Комисијата на Бундестагот Едати, 4. ноември 2011 за Германија е она што е 11. септемрви 2001 за САД.

Thema Zwickauer Terrorzelle rechtsextremistischer Terror in Deutschland
Фотографија од видео снимка пронајдена во куќата во ЦвикауФотографија: dapd

На тој ден стана јасно „дека целата наша безбедносна архитектура во Германија не беше подготвена на такво нешто како десен тероризам“, изјави социјалдемократот Едати пред неколку дена за германската новинска агенција ДПА. Како можеше тоа да се случи? На ова прашање се обиде да одговори Комисијата, која заседаваше од јануари 2012 година на повеќе од 70 јавни и затворени седници. По последното јавно сослушување на сведоците и вештаците, Истражната комисија за НСУ донесе катастрофален заклучок. Едногласно за полицијата, правосудството и одговорните политичари потврди „целосно државно потфрлање“.

Наод, кој со оглед на голем број пропусти на силите за безбедност е повеќе од оправдан. Меѓу другото произлезе дека серијата убиства можеби и можела да биде спречена доколку Уве Бенхарт, познат на полицијата како десен екстремист, беше уапсен на крајот на 1990-те години. Повод за тоа имало, оти во неговата гаража полицијата пронашла рачно направена бомба. Зошто Бенхард и покрај тоа успеа да биде недостапен за властите, е едно од прашањата на кои и натаму нема одговор.

Парламентарците, членови на Комисијата од сите партии застапени во Буденстагот, се задоволни со резултатот. За својата работа оваа Комисија доби многу пофалби. Омбудсманот на германската влада за членовите на семејствата на жртвите на теророт на НСУ, Барбара Јон, ја пофали Истражаната комисија и во името на семејствата на жртвите како „хајлајт“ на расветлувањето на целиот случај.

Како котужители во НСУ процесот, кој од почетокот на мај годинава се води пред Врховниот покраински суд во Минхен, членовите на семејствата имаат можност да доживеат колку е тешко казнено правно расчистување на серијата убиства. Обвинета е единствената преживеана членка на наводното терористичко трио Беате Чепе, како и четворица осомничени соучесници. Семејствата на жртвите и членовите на Комисијата на Бундестагот за НСУ се надеваат дека единстваната обвинета за убиство, Чепе, конечно ќе го прекине своето молчење.

NSU Prozess München 6.8.2013
Беате Чепе одговара пред судот во МинхенФотографија: Reuters/Michaela Rehle

Дали да се реформира или укине Службата за заштита на уставот?

38-годишната Чепе живееше заедно со Уве Бенхарт и Уве Мундлос, откако тие се повлекоа во подземјето и се смета за подметнувач на пожарот во заедничкиот изнајмен стан во Цвикау. Доказниот материјал кој беше таму пронајден игра важна улога во НСУ-процесот. Дали Чепе во процесот кој според планираното треба да трае до декември 2014 година навистина ќе биде осудена како убиец, засега е неизвесно.

Вниманието на Истражната комисија на Бундестагот е насочено и кон заклучоците за грешките при истрагата. Постои согласност дека треба да се зајакне борбата против десниот екстремизам. Сите сметаат дека е неопходна реформа на Службата за заштита на уставот, Партијата на Левицата бара дури и нејзино укинување. Исто така се бара и подобра обука на полицијата и Службата за заштита на уставот, пред сѐ во однос на интеркултурните компетенции.

На почетокот на септември Бундестагот на вонредна седница ќе дебатира за резултатите од Истражната комисија за НСУ. На седницата треба да присуствува и германскито претседател Јоахим Гаук, како и семeјствата на жртвите. Исто така и тие со интерес ќе го следат натамошното расветлување на серијата убиства, како правно пред судот во Минхен, така и од политички аспект.

Омбудсманот на СПД Ефа Хегл смета дека работата на Истражната комисија е завршена. Либералот Хартфрид Волф пак посакува работата да продолжи. Одлуката за тоа ќе мора да ја донесе новиот Бундестаг, по изборите на 22 септември. Волф смета дека е неопходно натамошно разгледување на случајот на парламентарно ниво. Од една страна затоа што има уште многу прашања за претставниците на безбедносните сили и за одговорните политичари од времето на НСУ-теророт. Од друга страна пак, тоа треба да биде сигнал до целото оптштество, но пред сѐ до семејствата на жртвите.