1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цените ја регулираат безбедноста!

Хеле Јепесен2 мај 2008

Според податоците на Меѓународната организација за труд ИЛО со седиште во Женева, секоја година на работното место умираат 2,2 милиона луѓе. Безбедноста и здравјето на работното место се светски проблем.

https://p.dw.com/p/DqSF
Никој не го знае точниот број рудари што годишно ги губат животите во небезбедните јамиФотографија: AP

ИЛО затоа започна нова кампања под мотото „Мојот живот - моја безбедност на работата„. За најсиромашните луѓе на овој свет ваквите зборови повеќе им звучат како потсмев. Организаторите на оваа иницијатива имаат намера до 2012 година да го намалат бројот несреќи и професионални заболувања во Европа за 25 проценти. Да, во Европа. Точно слушате! Зашто во Европа се цени човековиот живот, за разлика од други континенти каде што човековиот живот најчесто е поефтин од безбедноста или превенцијата од несреќи на работа.

Само во Кина во минатата година во несреќни случаи загинаа 80 илјади луѓе и тоа се официјални бројки. Неофицијалните се далеку поголеми. Дали во Кина ќе загинат рудари, или на цветните полиња во Африка или во Јужна Америка од пестициди се затруени мажи, жени или деца, или дали градежници од Азија - во Катар, Сеул или Џакарта гинат на градилиштата – за сите важи истото: животот не се запишува во книгите на билансите. Секогаш има доволен број подготвени луѓе да го ризикуваат животот за работно место или плата за себе и за нивните семејства.

2,2 милиона луѓе гинат секоја година на нивното работно место, констатира Меѓународната организација за труд ИЛО. Или од несреќни случаи и професионални заболувања, или од долготрајноста на работното време. Бројот покажува дека 270 милиони луѓе годишно страдаат од несреќи на работното место што предизвикуваат отсуство од работа од 3 или 4 дена. За погодените тоа е несреќа на работа – смртна или не – што во најсиромашните земји ја доведува во опасност елементарната егзистенција. Ако почине оној што го обезбедува семејството, ниту има компензација, ниту помош. Ако се разболи, нема финансиска помош за семејството, ниту медицински третман на засегнатиот.

Под глобализација повеќето фирми подразбираат пред се глобализација на профитот: произведуваат таму каде што е најефтино, во земјите во кои има малку или воопшто нема правила, на пример за безбедност на работното место или социјално осигурување. Меѓутоа, со глобализацијата мора да се глобализираат и работните услови, мора да бидат воведени минимални социјални стандарди. Затоа, јагленот, цвеќињата или градењето и натаму се ефтини: зашто најсиромашната милијарда на човештвото „милијарда од дното„ се уште со своето здравје или живот го плаќаат консумирањето на муштериите.