1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ценовниот шок ги исплаши граѓаните

Горан Петрески 6 февруари 2008

Македонија е зафатена од бран поскапувања на прехранбените производи. Поскапувањето на цените се забележува и во други земји на Балканот.

https://p.dw.com/p/D3Pe
Поскапеа основните прехранбени производиФотографија: AP

До пред само две недели литар масло за јадење, векна леб и едно млеко можеа да се купат за 150 денари. Сега се 200. Разликата од педесет денари не е за потценување во земја како Македонија каде скоро една третина од луѓето се соочуваат со сиромаштија. Педесет денари се многу пари за една просечна пензионерка којашто добива околу 8 илјади денари месечно.

Владата бара поефтинување на основните прехранбени производи

Владата ќе се обиде со специјални мерки да го заштити стандардот на граѓаните и да го ублажи ценовниот шок што ја зафати земјата. Формиран е тим што ќе преговара со трговците и производителите за да ги намалат цените на основните прехранбени производи. Владата од нив бара поефтинување на маслото за јадење, лебот и млекото за 15 проценти. Ќе пушти во промет пченица од државните стокови резерви по поефтина цена, а за најзагрозените семејства ќе обезбеди по 1.000 денари месечно во наредните три месеци.

Опозицијата критикува

Претходно опозицијата критикуваше зошто Владата ништо не презема. Лидерката на СДСМ Радмила Шекеринска побара акција.

Цените растат секојдневно така што неможе точно да се утврди процентот на поскапување. Според некои анализи ваков вртоглав раст на цените Македонија не памети од раните деведесети кога земјата тонеше во галопирачка инфлација.

Општ тренд

Бранот поскапувања не ја погоди само Македонија. И другите земји во регионот се соочуват со раст на цените. Логично објаснување за ценовниот скок нема, причините може да се бараат во комбинација на повеќе фактори. Еден е континуираниот раст на цената на нафтата.