1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Централната банка на САД ја менува монетарната политика

СН/бг/миа/афп/дпа/ртр19 декември 2013

Со оглед на поповолните прогнози за стопанството американските Федерални резерви започнаа со умерена промена на курсот во монетарната политика. Многу експерти реагираа изненадено од одлуката на Централната банка на САД.

https://p.dw.com/p/1AcPf
Фотографија: picture-alliance/dpa

Американската централна банка (Федерални резерви) наредната година ќе го намали обемот на својата програма за купување долгорочни државни обврзници и вредносни хартии за надвижности, изјави претседателот на оваа финансиска инстиуција, Бен Бернанки. Бернанки на прес-конференција посочи дека одлуката на Федералните резерви за намалување на својата програма за купување на обврзници од 85 милијарди на 75 милијарди долари месечно, претставува знак за напредок.

„Фед и следната година ќе преземе слични умерени чекори, доколку состојбата на американската економија продолжи да се подобрува, забележа првиот банкар на САД.

Истовремено, тој нагласи дека сето тоа ќе зависи од економските податоци, признавајќи дека заздравувањето на американската економија е далеку од завршено и дека невработеноста останува причина за загриженост на долгорочен план.

Бернанки, кој ќе се повлече од раководната функација на Фед на 31 јануари идната година, потенцира дека неговата очекувана наследничка Џенет Јелон, целосно ја поддржува денешната одлука за намалување на обемот на програмата за купување обврзници, чија цел е стимулирање на американската економија.

Многу експерти реагираа изненадено од одлуката на Фед. Тие очекуваа најава за постепено напуштање на политиката на ефтини пари дури во 2014. година. Референтната каматна стапка Фед ја остави непроменета на рекордно ниското ниво од 0 до 0,25 проценти. На ова ниво стапката е од крајот на 2008. година кога се прошири тешката финансиска криза. Централната банка најави дека нема да менува ништо , се додека стапката на невработеност во земјата е преку 6,5 насто. Во ноември годинава таа изнесуваше 7 проценти.