1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

250809 Verhörmethoden CIA

25 август 2009

Сослушувањето на лицата осомничени за тероризам веќе нема да биде во надлежност на американската тајна служба ЦИА. Оваа задача во иднина ќе ја преземе специјална единица на ФБИ, под директен надзор на Белата куќа.

https://p.dw.com/p/JHku
Логото на ЦИАФотографија: AP GraphicsBank

Извештајот за методите за испрашување на осомничените за тероризам е напишан уште пред пет години. Последните случаи за кои се зборува во него, датираат од 2004 година и затоа шефот на ЦИА, Леон Панета уште пред неговото објавување прокоментира дека се работи за „стари приказни“.

Стари да, но затоа се` уште непознати: „Агент на ЦИА му се заканувал на осомничен терорист за нападите од 11 септември 2001 година дека ќе му ги убие децата, ако дојде до нови терористички напади во САД“, цитира телевизијата СиЕнЕн делови од извештајот. „На друг осомничен ЦИА му се заканувала дека пред негови очи ќе ја силува мајка му“.

Според информациите на „Њујорк тајмс“ се работи за десетици случаи, во кои затвореници од Ирак или од Авганистан биле тешко малтретирани од американската тајна служба. Имало и неколку смртни случаи, а во повеќе наврати биле симулирани убиства на останати затвореници. На некои затвореници, пак, им се заканувале со електрична бормашина, непосредно до нивната глава.

Amnesty International Film über Folter Waterboarding
Злогласното симулирано давањеФотографија: picture alliance / dpa

Специјален пратеник за најтешките случаи

Најтешките од овие „стари случаи“ сега ќе добијат и правна разврска. Американскиот министер за правда, Ерик Холдер, пред своите најблиски соработници истакнал дека е „шокиран и згрозен“ од деталите објавени во извештајот. Затоа го назначи државниот обвинител Џон Дурхем за специјален пратеник, кој треба да испита дванаесет случаи и да утврди дали агентите на ЦИА го прекршиле законот. Експертот од „Њујорк тајмс“, Марк Мазети, за СиЕнЕн истакна:

„Ќе се испитуваат, пред се`, смртните случаи, како и оние методи на сослушување, за кои никој не дал дозвола и оние кои не биле според насоките дадени од тогашниот претседател Џорџ Буш.“

Обама не сака да се навраќа на минатото

Американскиот претседател Барак Обама, веќе одлучи да го разбие монополот на ЦИА во сослушувањето на осомничените за тероризам. Во иднина, специјален истражен тим на различни тајни служби ќе го преземе испрашувањето на осомничените топ-терористи, а претседателот лично ќе добива информации од Државниот совет за безбедност за методите на сослушување, соопшти портпарол на Белата куќа: „Претседателот сака да гледа кон иднината. Тој смета дека не е неопходно правно расветлување на активностите на ЦИА во времето на Буш. Обама ова повеќепати го нагласи.“

Barack Obama mit CIA Direktor Leon Panetta im CIA Headquarter
Обама со шефот на ЦИАФотографија: picture alliance/dpa

На крајот на краиштата, министерот за правда е оној, кој треба да одлучи кој ќе ги сноси последиците за злосторствата на ЦИА во ерата на Буш, истакнува Обама. Тој многу добро знае дека не може да му ги врзе рацете на министерот, без самиот да загуби на веродостојност.

Автор: Ралф Зина/Зилке Хаселман/Трајче Тосев

Редактор:Елизабета Милошевска Фиданоска