1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Црвениот октомври“ напаѓа и шпионира компјутери

Силке Винш/ Симе Недевски26 јануари 2013

Дури неодамна е откриен напад врз серверите и компјутерските мрежи, кој всушност трае со години. Компјутерскиот вирус „Рокра“ тајно собира само кодирани податоци и ги доставува на својот творец.

https://p.dw.com/p/17RTz
Фотографија: picture-alliance/dpa

Како и истоимената подморница од романот на Том Кленси „Лов на Црвениот октомври“, откриениот компјутерски шпионски вирус со години наназад незабележливо се провлекувал низ каблите. Тој мирно можел да се вгнезди на серверите и таму да собира информации. Затоа стручњаците на руската фирма за компјутерска безбедност „Касперски“ вирусот го нарекле токму „Црвениот октомври“, односно скратено „Рокра“.

Вирусот ги напаѓал компјутерите и мрежите на компаниите, барани се многу чувствителни геополитички информации - многу чувствителни, бидејќи главно се напаѓани компјутерите на владините институции и организации, како и на армиите. Најмногу се погодени земјите од источна Европа и од централна Азија, но загрозени се и институциите во западна Европа и северна Америка.
Стручњаците од „Касперски“ го откриле „Рокра“ во октомври минатата година и претпоставуваат дека тој вирус во мрежата се наоѓа дури од 2007 година. Од каде потекнува напаѓачот, стручњаците за кибернетичка- шпионажа не можат да кажат. Можно е напаѓачите да се со руско потекло, изјави портпаролот на фирмата, Магнус Калкул за германската новинска агенција ДПА. „Тоа, меѓутоа, не значи дека државните институции во Русија дале налог за шпионски акции, бидејќи руски програмери има во бројни земји“, вели тој.

Computervirus Flame
Фотографија: picture-alliance/dpa/Kaspersky.com

Нова генерација кибернетско- оружје

За уфрлување на „Рокра“ вешто се искористени слабостите на програмата „Виндоус офис“, која ја користат милиони. Според сознанијата на фирмата „Касперски“, напаѓачите на потенцијалните жртви им праќале инфицирана електронска пошта. Оној кој го отворил документот од писмото со помош на „Ворд“ или „Ексел“, пуштил т.н. „тројанец“ во својот компјутер. Тој во заднина можел незабележливо да отвори одредени програми и да бара чувствителни податоци. Барани се пред се’ информации кои се заштитени со одредени програми за кодирање. Такви програми користат, на пример, ЕУ и НАТО. Сличен вирус ги нападна минатата година во мај институциите на Блискиот и на Средниот Исток. Вирусот „Флејм“ слично како и „Рокра“ незабележливо собирал податоци, пред се’ во Иран и во Израел. Изгледал како „тројанец“, но тој не само што во заднина чекал и собирал податоци, туку исто така и самостојно можел да придвижи одредени програми, да снима разговори и внесува преку тастатура, да фотографира содржина која се наоѓа на монитор. Стручњаците од фирмата „Касперски“ уште тогаш укажувале дека „Флејм“ е нова генерација кибернетско- оружје.

Кога ќе те откријат- уништи се!

Делумно се сомнева дека зад тие напади стојат некои влади, но стручњаците за борба против компјутерските вируси немале можност детално да ги прегледаат заразените компјутери. Имено, набрзо по откривањето вирусот „Флејм“ добил налог самиот да се уништи.
Не е познато кој го пратил вирусот „Рокра“ на пат околу светот. Во „Касперски“ пртпоставуваат дека зад нападите стои група хакери од непозната националност. Овој пат не се сомневаат во некоја држава, но некои влади сигурно би можело да ги интересира „пленот“, информациите кои ги собира „Рокра“ имаат големо значење и би можеле тајно да бидат продадени на оној кој ќе плати повеќе, претпоставуваат стручњаците од „Касперски“.