1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црвенковски бара телевизиски дуел со Груевски

СН/ЕМФ/миа30 мај 2012

Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски го повика премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на ТВ-дуел за да ги соочат аргументите за се’ што било досега и за тоа кој каква иднина и‘ нуди на државата.

https://p.dw.com/p/154Xc
Фотографија: picture-alliance/dpa

Лидерот на најголемата опозициска партија во Македонија, Социјалдемократскиот сојуз, Бранко Црвенковски, денеска (30.05.2012) на прес-конференција во седиштето на партијата упати повик до премиерот Никола Груевски за телевизиско соочување:

„Да проговориме за се’, буквално за се‘ што било досега, но што е уште поважно и за тоа кој каква иднина нуди за нашава земја, па народот нека гледа и сам нека заклучи кој е патриот, а кој е предавник, кој е одговорен, а кој неодговорен политичар“, изјави Црвенковски.

Тој истакна дека очекувал во текот на вчерашниот ден лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да објасни пред јавноста зошто предлогот Република Македонија (Скопје), којшто го прифатиле пред Самитот на НАТО во Букурешт, е подобар од предлогот на медијаторот Метју Нимиц од 2005 година со кој, како што рече, се зачувувало уставното име на државата.

За информациите објавени во некои медиуми дека следува кривична одговорност за издавање на државна тајна, Црвенковски истакна дека со тоа воопшто нема да го заплашат и замолчат, туку напротив - дополнително ќе го мотивираат. „Имајќи предвид дека Вие први јавно почнавте да ја обелоденувате содржината на документот означен со државна тајна, со огромно задоволство би ја споделил кривичната одговорност со Вас“, рече Црвенковски.

Тој потврди дека документот што го презентираше во телевизиска емисија го доставил до новинарот со кого го водел интервјуто, како и до новинарите кои пројавиле интерес за тоа на вчерашната прес-конференција.

„Документот којшто го поделивме е оргиналниот текст на англиски јазик доставен од медијаторот Метју Нимиц. Се’ друго што вчера се објавуваше, се пласираше, се текстови декриптирани од нашето Министерство за надворешни работи со разноразни печатарски грешки“, рече Црвенковски.

Прашан „зошто се враќаме во 2005 година“, Црвенковски со одговор дека од страна на премиерот биле ставени во таква ситуација:

„Наместо да говориме што понатаму, што после Самитот на НАТО во Чикаго, каква стратегија да дефинираме во наредиот период, ние бевме ставени во ситуација од страна на премиерот да не‘ враќа во 2005 година со цитирање на содржина од документ којшто одамна е ад-акта, се‘ со цел да ме обвини дека сум предавник, а тој патриот. Тоа не е точно и затоа треба да се соочиме пред македонската јавност“, рече Црвенковски.

ВМРО-ДПМНЕ: Најголемиот дуел меѓу Црвенковски и Груевски беше на последните парламентарни избори

Повикот на лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски за ТВ дуел со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски е со цел да се оцрни Груевски со калта во која се наоѓа Црвенковски, оцени денеска ВМРО-ДПМНЕ.

„Најголемиот дуел меѓу нив двајца се случи пред неполни 10 месеци, на последните парламентарни избори. Дуел кој Црвенковски го изгуби и затоа е во опозиција. Следниот дуел доаѓа на наредните избори, каде граѓаните повторно ќе гласаат и ние тој дуел со задоволство го чекаме“, изјави директорот на Центарот за комуникации на ВМРо-ДПМНЕ, Илија Димовски.

Претходно, премиерот Груевски нагласи дека прашањето со името, со
идентитетот, со националноста и со јазикот е стратешко прашање за Македонија:

Mazedonien Ministerpräsident Nikola Gruevski
Никола Груевски: „Бранко Црвенковски, да се изразам во спортски жаргон, се издрибла сам себе во интервјуто“Фотографија: AP

„Тоа е прашање за коешто треба политичарите кога е време за тоа, кога ќе
дојде значаен момент да се соберат, да разговараат, да бараат нешто што е
најдобро за државата и за народот, а не да се препукуваат преку медиумите и
да собираат дневно-политички поени. Мене ми е жал што Бранко Црвенковски
најверојатно во отсуство на идеи за други прашања, ова прашање го користи за
дневно-политички поени, на штета на Македонија. Вие сте виделе ли во Грција
на ваков начин да се препукуваат, овој предлог беше добар тој го одби, овој
предлог беше лош, јас не го прифатив итн. Не треба да не‘ доведува сите други
во таква ситуација да од едно стратешко прашање за државата тој си игра
пинг-понг на дневна основа со прашања кои можат да направат штета на нашите понатамошни разговори по ова прашање со Грција“, рече Груевски.