1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црвенковски: “Времето работи за нас“

Валентин Николовски22 септември 2006

Меѓународниот тероризам и косовското прашање, беа дел од темите на кои говореше македонскиот претседател, Бранко Црвенковски, на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

https://p.dw.com/p/Ac31
Македонскиот претседател, Бранко Црвенковски е во Њујорк
Македонскиот претседател, Бранко Црвенковски е во ЊујоркФотографија: AP

Македонскиот претседател, Бранко Црвенковски, побара сеопфатна меѓународна соработка и координација против тероризмот. Во однос на косовското прашање, тој го потенцираше прашањето за техничката демаркација на граничната линија. Црвенковски смета дека истото мора да биде разрешено пред донесувањето на конечната одлука за статусот на Косово. По обраќањето, македонскиот претседател изјави дека не постои меѓународен претставник со кој разговарал, што не се согласил дека демаркацијата е само техничко прашање кое мора да се реши пред косовската одлука и нејзино стапување во сила. Тој очекува решението да влезе во пакетот за Косово:

“Меѓународната заедница е подготвена, а јас би додал и има обврска да го затвори тоа прашање, бидејќи не би требало да се остави простор едно вакво прашање да претставува нов генератор за дестабилизација не само на односите Македонија-Косово, туку пошироко во регионот. “

Проблемот е во легитимитетот на другата страна за демаркација, смета Црвенковски, но додава дека ОН не можат да се исклучат од легитимитетот, бидејќи само тие, а не Белград и Приштина, имаат реална власт:

“Меѓународното присуство, и воени и цивилно на Косово, ќе биде уште долги години, и уште еден долг временски период клучен фактор со кој што ние ќе треба да комуницираме, разговараме и да ги решаваме проблемите ќе биде меѓународната заедница. Тоа е нивна одговорност и јас верувам дека тие ќе ја понесат на соодветен начин “, рече Црвенковски.

Осврнувајќи се на проблемот со Грција околу името, македонскиот претседател рече дека со оглед на тоа дека името е од најголем национален и државен интерес за Македонија, поважно е какво ќе биде решението, отколку кога ќе биде. Македонија неспорно е во далеку подобра ситуација денеска отколку порано, поради се поголемиот број земји кои ја признаа под уставното име:

“Со други зборови, времето работи за нас. Тоа не значи дека ние одиме на одлагање на решавањето на проблемот, тоа не значи дека имаме стратегија на чекање или исчекување. Сите овие работи што ги споменав претходно, не се случија сами од себе и не паднаа од небо, туку беа резултат на една политика, некогаш многу потранспарентна, некогаш помалку транспаренттна, заради карактерот на проблемот, но дефинитивно политика која што даде свои резултати“, нагласи македонскиот претседател.

Високиот претставник на ЕУ, Хавиер Солана, на билатералната средба со Црвенковски, се интерeсирал и за ДУИ и непостоењето дијалог меѓу владата и оваа партија. Македонскиот претседател вели:

“Главната политичка битка се одвива во институциите, во собранието на Република Македонија. Ќе се обидам тие контакти и релации кои што ги имам со политичките субјекти да ги искористам во тој правец, но сепак најголемата одговорност и конечата одлука останува на нив. “