1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црвенковски и Тачи си подадоа рака

Свето Тоевски18 јули 2012

Лидерите на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Мендух Тачи најавија меѓусебна поддршка за локалните избори. Не се работи за „непринципиелна коалиција“, туку за „нов квалитет на демократијата“, беше речено во Тетово.

https://p.dw.com/p/15ZdS
Фотографија: DW

Денеска (18.7.2012) во угостителскиот објект „Петролкомпани“, на 5 километри одалеченост од Тетово, лидерите на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Мендух Тачи по полчасовниот протоколарен разговор се појавија пред камерите и новинарите за да се ракуваат и да го официјализираат почетокот на предизборната поддршка и соработка за локалните избори во 2013 година во земјата.

„Меѓу мене и Мендух Тачи во минатото имало сериозни разлики, сме биле жестоки политички противници, јавно сме се обвинувале и сме се критикувале, еден на друг сме си упатувале тешки зборови. Е, сега, можете да заклучите до кое дереџе е доведена денес Македонија под власта на оваа Влада, во која катастрофална состојба е целата земја, кога вака жестоки политички противници рекоа: дајте да ги оставиме разликите настрана, оти мора да се соработува и мора државата да се врати во нормален колосек“, рече Црвенковски.

Wahlen in Mazedonien
Бранко ЦрвенковскиФотографија: DW

Тачи кажа: „Нема да има политичка спогодба меѓу нашите две партии. Ова е еден исклучителен нов квалитет на демократијата во Македонија –  транспарентноста на двете политички партии во соработката. Има нешта за кои целосно се согласуваме, а тоа е дека се блокирани евроинтеграциските процеси и разурнувањето на економијата во земјата. Имаме разлики во гледиштата околу меѓуетничките односи, или поконкретно за барањето на Албанците да бидат рамноправни во оваа држава, но тоа не значи дека треба да запрат разговорите, дијалогот меѓу овие две политички сили.“

Црвенковски дополни: „Овде не се работи за непринципиелна коалиција меѓу СДСМ и ДПА, туку оваа соработка е доказ за погубната политика на актуелната власт. Најновата работа која треба да и‘ се понуди на оваа држава е да се прекине ова лудило, кое и‘ се случува. Македонија оди во надолна линија во сите елементи. Важно е повторно да станеме нормална и демократска држава, во која ќе се решаваат економско-социјалните проблеми на граѓаните, во која ќе има демократски начела кои ги почитуваат сите.“

Menduh Taci Politiker Mazedonien
Мендух ТачиФотографија: DW

Во одговор на едно од новинарските прашања, Тачи истакна: „Сегашната влада стотина пати ги вжешти меѓуетничките односи, но двете најголеми опозициони партии во ниеден момент не ги злоупотребија тие односи заради добивање политички поени.“

„Се работи за договор за техничка поддршка и заемна соработка за локалните избори: во оние општини каде што согласно со етничката структура нема можност да победи кандидат од македонска етничка припадност, соодветно на тоа и од СДСМ и опозициониот фронт, ние ќе бидеме подготвени да го поддржиме кандидатот промовиран од ДПА. Обратно, таква поддршка ќе има од ДПА онаму каде што не може да победи Албанец како градоначалник“, прецизираше претседателот на Социјалдемократскиот сојуз Црвенковски.