1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црвенковски му фрли ракавица на Груевски

Катерина Блажевска15 февруари 2013

Локални избори да се одржат на 28 април, а парламентарни во септември ако на локалните здружената опозиција освои барем еден глас повеќе од владејачката коалиција, е последниот предлог на Црвенковски за излез од кризата.

https://p.dw.com/p/17era
Фотографија: MAKFAX

Опозицискиот фронт предводен од СДСМ денеска (15.02) на власта и' го понуди својот последен предлог за излез од политичката криза. Предлогот е многу е едноставен и има само две точки, рече лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски:

„Прво, со цел да се овозможи учество на опозицијата и измени на изборниот закон согласно со препораките на ОБСЕ/ОДИХР локалните избори да се одложат за еден месец и да се одржат на 28 април. Второ, ако на тие локални избори советничките листи на здружената опозиција „Сојуз за иднината" освои барем еден глас повеќе од листите на коалицијата околу ВМРО-ДПМНЕ, да има предвремени парламентарни избори кои ќе се одржат на 29-ти септември. Тоа е се‘", рече Црвенковски.

Лидерот на најголемата опозициска партија појасни дека овој предлог овозможува директно граѓаните со својот глас да одлучат дали ќе има или ќе нема предвремени парламентарни избори.

„Што е овде нефер, некоректно или нелогично? Еве ја подадената рака на опозицијата за доброто на земјата. Па сега вие ценете кој е за решавање на оваа политичка криза, а кој не. Кој е за одбрана на националните и државните интереси, а кој брани некои други интереси. Господине Груевски, вие сте на потег", порача Црвенковски.

Тој објасни зошто се обраќа денес, само еден ден пред истекот на рокот за поднесување кандидатски листи за локалните избори.

„Денес кога е конечно јасно дека бојкотот на локалните избори не е лажна закана туку дефинитивен факт, кога е јасно дека оставките на опозициските пратеници се потпишани и ковертирани, во името на здружената опозиција „Сојуз за иднината", сакам јавно, пред целата македонска и меѓународна јавност да го соопшам нашиот последен предлог за надминување на политичката криза во Република Македонија", рече Црвенковски.

Претходно, лидерот на СДСМ соопшти дека во целиот изминат период премиерот и владеачката партија во ниту еден момент не покажале чувство на одговорност за состојбата во која ја доведоа земјата. Напротив, со серија нови постапки, каква на пример измената на деловникот на Собранието, продолжиле да газат врз основните начела на парламентарната демократија.