1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црвенковски не поддржува експертска влада

БГ/миа24 мај 2012

Спорот со Грција за името е премногу важен, можеби најважен проблем што го имаме, бидејќи ни ја блокира евроатлантската иднина, и тој не може да се реши со импровизации, рече Црвенковски.

https://p.dw.com/p/151ga
Фотографија: DW

Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски го повтори ставот дека неговата партија ќе го поддржи секое решение што нема да задира или да го повреди националниот идентитет, а истовремено е прифатливо за владата на Груевски.

Во врска со предлогот на Љубчо Георгиевски за решaвање на спорот за името со Грција, Црвенковски истакна дека не е првпат Георгиевски да излегува со такви предлози.

„Спорот со Грција за името е премногу важен, можеби најважен проблем што го имаме бидејќи ни ја блокира евроатлантската иднина, но и предизвикува други тешкотии внатре во земјата. Тој спор не може да се реши со импровизации и со лицитирања на прес-конференции од кого било. Тој процес единствено може да се води организирано од оние што го имаат легитимететот да ја водат државата, а тие доколку имаат потреба да побараат поддршка од опозицијата, ние сме тука“, истакна тој.

За шпекулациите за формирање експертска влада, лидерот на СДСМ рече дека партијата нема да поддржи таква влада, зашто, според Црвенковски, ситуацијата во која се наоѓа Македонија и проблемите со кои се соочува не може да ги решава експертска, туку влада во политички легитимитет.

„Доколку можат, умеат, знаат, нека ги решаваат проблемите, а ако не можат тоа јавно нека го соопштат и нека се повлечат“, истакна Црвенковски.

Скопје 2014. го проблематизира идентитетот

Коментарот на лидерот на СДСМ за поставувањето на споменикот на Филип на плоштадот во Скопје, е дека „во најмала рака е контроверзно на празникот на сесловенските просветители да се поставува споменик посветен на личност од Античкиот период“.

„Во центарот на Скопје на километар квадратен во период на најголема криза се истурија стотици милиони евра“, рече Црвенковски.

Тој истакна дека токму од отпочнувањето на реализацијата на Проектот „Скопје 2014“ како никогаш во претходниот период, не само во Македонија туку и надвор се отворило прашањето на националниот идентитет.

„Само да се потсетиме на пораките од пријателите во светот, дека националниот идентитет е нешто за што не може да се преговара, нешто што никој никому не може да му го одземе, единствено ние самите со контроверзни постапки можеме да го проблематизираме“, предупреди Црвенковски.