1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црвенковски повикува на политичко единство

Александар Чомовски/Горан Петрески18 декември 2008

Македонскиот претседател Бранко Црвенковски во годишниот говор во парламентот, изјави дека без НАТО и ЕУ, Македонија е пред голем историски пораз. Власта и опозицијата се поделени во реакциите.

https://p.dw.com/p/GJBE
Бранко ЦрвенковскиФотографија: Macedonian Information Agency

Македонскиот претседател Бранко Црвенковски, во годишното обраќање во парламентот, изјави дека брзото и успешното остварување на евроатлантските перспективи мора да биде највисок приоритет на земјата. Недобиената покана за членство во НАТО и извештајот на Европската комисија во кој немаше утврден датум за почеток на преговори за членство во ЕУ, според Црвенковски, се резултат на надворешни фактори, но и на сопствени грешки. Шефот на државата нагласи дека политичките фактори во земјата треба да ги усогласат ставовите и да го создадат неопходното политичко единство за реализација на стратегиските определби. Тој упати серија остри критики до владата на која и’ забележа дека не нуди алтернатива. Односот кон светската економска криза бил несериозен, можат да се проблематизираат меѓуетничките односи во земјата, предвремените парламентарни избори биле избрзани, се формира недемократски амбиент и атмосфера на линч за неистомислениците, критикуваше претседателот.

Враќањето кон двојната формула е грешка

Според Црвенковски, единствената причина поради која Македонија не доби покана за членство во НАТО е ригидниот став на Грција и нејзината неподготвеност да го прифати понуденото компромисно решение, ниту, пак, да ја почитува Привремената спогодба од 1995 година. Истовремено тој забележа дека враќањето кон двојната формула за решение на спорот за името, како официјален став на Македонија, било грешка. Тужбата против Грција пред Меѓународниот суд на правдата за Црвенковски е легитимна постапка, но истовремено тој ги проблематизира нејзините ефекти. Преговорите во подолг временски период со Грција, според него, нема да бидат вистински, а земјата за целото време и натаму ќе стои пред портите на ЕУ и НАТО.

UN Mediator, Mathew Nimitz in Skopje
Од средбите на државниот врв со Метју НимицФотографија: Dragan Todorovski

Загриженост за случувањата на Косово

Македонскиот претседател во неговото последно обраќање од функцијата изрази загриженост околу случувањата на Косово. Црвенковски предупреди дека какво било сценарио што може да води кон евентуална поделба на Косово по етничка линија е опасно и може да предизвика тешки последици за целиот регион. Тој истовремено повика да се вложат напори за брзо и целосно нормализирање на односите со Србија.

Поделени реакции

Обраќањето на Црвенковски предизвика поделени реакции. Министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, изјави дека недостатоците што постојат во земјата биле дијагностицирани од страна на политичарот кој 15 години носи клучна одговорност за многу од нив. Од редовите на СДСМ оценија дека говорот бил реален и објективен. Од оваа опозициска партија оценија дека отсуството на премиерот било срамен потег што не оди во прилог на политичкиот дијалог и кохабитација. ВМРО-ДПМНЕ ја критикуваше надворешната политика на Црвенковски. Пратениците од помалите опозициски партии оценија дека Македонија оди по погрешен пат и ги пофалија констатциите и препораките на претседателот за надминување на проблемите во државата. Црвенковски потврди дека дефинитивно се повлекува од битката за втор претседателски мандат.