1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црквата и „пилулата за ден потоа“

Сузане Хаферкамп / Жана Ацеска25 јануари 2013

Две католички болници во Келн одбиле на жена-жртва на силување да и‘ пружат лекарска помош и дадат „пилула потоа“ - ургентна контрацепција. Што вели католичкиот морал и каква е праксата во другите католички болници?

https://p.dw.com/p/17RMZ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Лично кардиналот Јоахим Мајснер се извини за недоволната лекарска поддршка од страна на болниците Сент Винценц и Хајлиген гајст во Келн. „Пилулата за ден потоа“ меѓутоа тој и натаму категорично ја отфрла. „Пилула за ден потоа“ е народен израз за лекот со различни составни делови. Дел од нив имаат „антиовулаторско“ дејство, на медицински жаргон: тие спречуваат исфрлување на јајцева клетка и со тоа оплодување и настанување живот. Оваа хормонска супстанца е споредлива со вообичаените пилули за контрацепција  и е само повисоко дозирана и се зема по сексуалниот чин.

Kardinal Meisner segnet die Hostien
Кардинал Јоахим МајснерФотографија: dpa

„Католичката црква веќе и со тоа има проблеми“, истакнува Антонио Аутиеро, професор по теолошки морал на Католичко-теолошкиот факултет на Вестфалскиот универзитет Вилхелм во Минстер. На католиците, почнувајќи од познатата Енциклика „Humanae Vitae“ од 1968 година, им е забранета т.н. „вештачка заштита од бременост“.

„Во католичкиот став тоа до денес не е променето“, вели Аутиеро.

Правилото инаку е спорно и меѓу католиците, од кои многумина не се придржуваат на него. А бидејќи се работи „само“ за тоа, да не се дозволи настанување нов живот, етички е помалку проблематично.

Двојно дејство

Но, што кога ќе се случи јајцевата клетка веќе да е исфрлена кратко пред полов однос без заштита, кога „антиовулаторското дејство“ го нема? Тогаш настапува друго дејство, кое спречува оплодената јајце-клетка да се вгнезди во зидот на матката.

„Медицински, нема сигурност дали ’пилулата за ден потоа’ само го спречила исфрлувањето на јајце-клетката од фоликулата или неговото вгнездување во ѕидот на матката, што оди во правец на абортус“, појаснува Антонио Аутиеро.

„Католичкиот став е јасен, со спојувањето на јајце-клетката и сперматозоидот настанува живот и човечко достоинство. Затоа, спречувањето оплодената јајце-клетка да се всади во ѕидот на матката е форма на абортус“.

Pille danach unofem von Hexal
Голема дебата околу „пилулата за ден потоа“Фотографија: picture-alliance/dpa

Абортус, уништување на човечки живот, па колку тој и да е мал, не е во согласност со црковното сфаќање.

„Овде за црковната етика нема место за дискусија“, подвлекува Аутиеро.

Затоа, во католичките болници не се вршат абортуси, ниту во првите часови или денови на бременоста.

Исклучоци од принципот?

Тоа е принципот. Но, постоајт ли исклучоци? Што е со екстремните телесни или душевни состојби на жената, како при силување?

„За католичката теорија абортусот не е допуштен во ниедна ситуација. Оваа ’нормативна етика’ која не дозволува никаков исклучок од врвните принципи, минатите години се ’радикализираше“’, вели теологот. Во научниот теолошки морал меѓутоа наспроти тоа стои и друга етика, која „поаѓа од целите и произлегува од контекстот на некое дејство“. Во неа, покрај недопирливите принципи, во игра се и други прашања, имено, конкретни медицински или душевни вонредни ситуации, сочувство, сопствена совест, професионална етика.

„Дали сме ние црква која се држи само до принципите или која е во функција на придружник“, прашува Отиеро.

Antonio Autiero Professor für Moraltheologie Uni Münster
Антонио Аутиеро, професор во МинстерФотографија: Westfälische Wilhelms-Universität

Што вели праксата?

Во праксата тоа се рефлектира многу различно. Во случајот со Келн, Католичката црква реагираше според принципите, меѓу другото и поради несигурноста на засегнатите соработници, објаснува Аутиеро.

„Неколку месеци претходно една лекарка имаше проблеми на работното место поради ултраконзервативен кодош. Нормално е што во такви случаи расте стравот“.

Според експертите кои се занимаат со теолошкиот морал, доколку конкретните поединечно донесени одлуки не предизвикуваат „никакви правни последици по вработените“, тоа би бил „енормен знак на црковното раководство“.

„Со тоа би се сфаќала сериозно и совеста и професионалната етика на поединецот“.

Големата несигурност во католичките болници му е позната и на Маркус Јингерханс. Тој е деловен раководител на Сојузот на католички болници во округот на Оснабрик и одговорен за 19 болници, од кои осум имаат и одделенија за гинекологија.

Markus Jüngerhans Diözese Osnabrück
Марксу ЈингерхансФотографија: Diözese Osnabrück

„Досега не сум запознат за никакви писмено фиксирани правила во врска со употребата на ’пилулата за ден потоа’“, истакнува тој.

Тоа претставува предност при донесувањето одделни одлуки, но и обратно, „зашто лекарот на таков начин останува на бришан простор“. Токму поради тоа, според Јингерханс, „етичките комисии во болниците мора да ја интензивираат дискусијата и да подготват упатства и совети“. Црквата повлекува граница кај медикаментите со јасно абортирачко дејство. Но, маневарски простор тој гледа кај лековите кои по половиот однос спречуваат исфрлување на јајце-клетката во јајцеводот.

„Во зависност од степенот на сериозност и итноста на случајот, примената на вакви медикаменти може да има медицинско и морално оправдување“, заклучува Јингерханс.