1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црковниот имиџ нагризан?

18 март 2010

Зошто МПЦ-ОА во последно време повеќе наликува на акционерско друштво отколку на верска заедница? Свештениците се уверени дека финансиските скандали поврзани за црквата се тенденциозни и злонамерни.

https://p.dw.com/p/MUqT
Соборниот храм во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Џиповите и мобилните телефони, покрај брадата и мантијата станаа вообичаена опрема на модерните попови. Отприлика вака во една своја колумна владиката Пимен се обиде да го опише впечатокот на верниците за случувањата во МПЦ-ОА. Оваа најбројна верска заедница во Македонија, која во истовреме ужива голема доверба меѓу своите следбеници е изложена на бројни финансиски скандали. Невообичаено често за компанија од светот на бизнисот, а не пак за верска заедница, името на црквата или пак нејзиното раководствто се поврзува со афери за имотот или финансиите на црквата.

40 Jahre Mazedonische Orthodoxe Kirche
Фотографија: DW

Аналитичарите кои ги анкетираше Дојче веле сметаат дека главна причина за ваквиот имиџ на црквата е лошото менаџирање со финансиите. Даниел Димевски, магистер по црковни прашања вели дека управувањето со имотот и парите се прави невешто и тоа го нарушува угледот на црквата. „Треба да се има сенс да не се експонира се’ она што е поврзано со материјалните ресурси. Во ова стресно време кога поголем дел од нашиот народ мака мачи да врзе крај со крај, експонирањето со метеријалните добра, над духовните, е лошо избран начин.“

Приказните се пренагласени

„Често слушам изјави како некој бил верник и го сакал бога, но не и нас, свештенството, бидејќи му пречело тоа што сме имале џипови и заради тоа не посетувал црква, а и дека од таа причина нам не ни држи зборот и веќе никој не ни верува“, пишува натаму владиката Пимен и заклучува: „Прикаската им е добра и уште малку ќе ме убедат, дека ако бевме како поповите од македонските народни приказни со некоја измрсена мантија, поткусурен епитрахил, смешна капа од половина метар и јавнати на некое сакато магаре, е тогаш проповедта ќе ни држеше и храмовите ќе беа преполни со народ.“

Der Bischof Pimen
Владиката ПименФотографија: Silvera Padori

Дека приказните за парите што се вртат во и околу црквата се пренагласени уверен е и архиeпископот охридски и македонски г. г. Стефан. „Ако речам дека свештениците вработените во црквата не треба да бидат наоружани со мобилни телефони и возила кои се потребни во секојдневниот живот би бил неправичен“, објавнува за Дојче веле црковиот поглавар.

Колку пари се слеваат во МПЦ-ОА?

Сепак повеќе милиони евра годишно се слеваат во касите на епархиите на МПЦ-ОА од продажба на свеќи, такси од крштевки, венчавки, погреби и разни други црковни услуги. Цената на услугите се движи и до педесетина евра, што е прилично скапо за граѓаните. На пример цената на еден убав чин каков што е крштевката изнесува 2.500 денари. Барањата црковните услуги да бидат бесплатни, МПЦ-ОА досега ги одбиваше со образложение дека таа живее само од приходите од олтарот. „Во принцип црковните услуги не би требало да имаат цена. Тие треба да бидат бесплатни, а прашање на секој верник е колку е во можност да овои за својата црква“, објаснува Димевски.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска