1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црковни денови - „Колку ти е потребно?“

Штефан Деге/ Жана Ацеска2 мај 2013

Во Хамбург е во тек Евангелистичкиот ден на црквата, манифестација која ќе трае до 5. мај. Се очекуваат над 100.000 учесници, но истовремено се поставува прашањето - дали вакви црковни масовни собири се се‘уште потребни?

https://p.dw.com/p/18QT6
Фотографија: DEKT

Професорот по црковно право, политикологија и историја на уставот на Универзиттеот во Трир и годинашен претседател на Евангелистичкиот ден на црквата, Герхард Роберс смета дека средби како оваа, во време на смартфони и интернет, се уште поважни: „Потребни ни се меѓусебни средби, доживување на заедништво. Токму тоа го пружа Денот на црквата на еден модерен начин“.

Социологот Детлеф Полак од Минстер се сложува со неговото мислење: „Многу учесници на оваа манифестација во средбите со другите добиваат поддршка и потврда на својата вера и општо на спиритуалноста. Така се стекнува чувството - онака како што живеат и веруваат, не се сами“.

Навистина, протестантите од целата земја кои деновиве се собираат во Хамбург, имаат пет дена прилики за размена на искуства, молитви и дискусии. Планирани се вкупно 250 различни настани, од богослужби и читање на библијата, па до политички дискусии и културни манифестации. Годинашниот слоган гласи: „Колку ти е потребно“, а станува збор за повик на индивидуално размислување и преиспитување - колку ни треба всушност за живот, од што би можеле да се одречеме? Освен тоа, во фокусот оваа година се и теми поврзани со дијалогот со другите религии, поодговорно стопанство, учество на инвалидите во јавниот живот...

Bildgalerie - Ausblick 2013 Evangelischer Kirchentag
Фотографија: Getty Images

Многу политика, многу култура

На манифестацијата присуствуваат и ќе присуствуваат повеќе истакнати јавни личности, меѓу кои и германскиот претседател Јоахим Гаук, и самиот евангелистички свештеник, кој во време на бившата Германска Демократска Република во Росток организирал сличен собир на протестантите. Манифестацијата со свои предавања и обраќања ја збогатуваат и германската канцеларка Ангела Меркел, исто протестантка, кандидатот за канцелар на Социјалдемократите, Пер Штајнбрик и други.

Во однос на културата, најавени се бројни концерти, премиера на операта „Крај на невиноста“ на композиторот Штефен Пајфер, посветена на животот на германскиот теолог и борец против нацизмот, Дитрих Бонхефер.

Проблемите на црквата остануваат и натаму

И покрај ваквата богата програма, се поставува сепак прашањето - дали црквата во Германија се‘уште е толку општествено политички релевантна како што се обидува да се претстави? Социологот Полак смета дека во секој случај, водечките црковни личности се трудат да се вклучат во збиднувањата кога се работи за крупни теми, за да ја истакнат на тој начин релевантноста на црквата.

„Но, луѓето не ни очекуваат од црквата да се изјаснува по сите политички настани или прашања, туку испраќањето на своите пораки да го врши на современ и животен начин. Црквата би требало да се завзема за сиромашните, слабите и отфрлените од општеството. Но, таа мора да биде и каритативна. Кога се работи за политички теми, луѓето повеќе имаат доверба во парламентарните или партиските институции отколку во црквата“, истакнува Полак.

Во Германија, имено, во последно време темата црква и религија стана една од најголемите медиумски теми воопшто. На запад на земјата само уште осум од десет граѓани се припадници на некоја поголема црковна заедница, додека на исток оваа бројка е уште пониска. Околу 70 до 80 западни Греманци сметаат дека христијанството е еден од важните темели на германската култура. Во источниот дел од Германија овој став го дели само половината граѓани.

„Германското општество не е нехристијанско или нецрковно. Но, населението се‘ повеќе се дистанцира од христијанството и тоа е проблем за црквата. Иако темите поврзани со религијата се се‘поприсутни, поактуелни, самата црква нема ништо од тоа“, заклучува Полак.

34. Evangelischer Kirchentag Hamburg 2013 Kirchentagspräsident Gerhard Robbers
Герхард РоберсФотографија: DW/Dege

„Колку е потребно?“

Ваквите Евангелистички денови на црквата настанаа по Втората светска војна и тоа поради желбата на верниците и критичките теолози и пастори за дистанцирање на црквата од нацизмот и многуте црковни припадници кои подготверно му служеле на Хитлер. Оваа манифестација се одржува секоја втора година во друг град, а се чини дека црквата, па така и Евангелистичката, повторно бара нов пат до граѓаните. Можат ли овие денови да и‘ помогнат во намерата?

„Не, до промена не може да дојде преку некој голем настан“, вели Полак.

„На тој начин луѓето нема да доаѓаат повеќе на миси, ниту да ги посетуваат црквите. Црквата би требало да се сврти кон своите задачи и самата с‘рж, значи, добротворна работа, душегрижништво“. Но, и покрај се‘ поголемата оддалеченост меѓу Германците и црквата, на германското општетство не му се заканува морална криза.

„Мислам дека моралниот капитал на едно општество не зависи само од христијанството“, додава социологот Полак.

Годинешниот слоган „Колку ти е потребно“, потекнува од Библијата, од Втората книга на Мојсеј која зборува за ослободувањето на Израелците од египетското ропство. Според преданието, Господ на својот народ му испратил леб кој од небото паѓал како дожд. Бидејќи лебот лесно се расипува, секој смеел да земе само колку што му треба за да го задоволи гладот.

„Тоа веќе би било доволно, со вератаво Господ и ваквите иницијативи. А Бог веќе ќе ни го даде нашиот леб секојдневен“, смета Герхард Роберс.