1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

"Црна листа" на ЕУ за Македонија

27 јануари 2004
https://p.dw.com/p/AcQP
На првата средба под претседателство на Ирска, Советот на министри на ЕУ, именуваше нов специјален пратеник на унијата во Македонија и постигна заеднички став околу формирањето "црна листа" на лица кои на каков било начин го оневозможуваат реализирањето на Охридскиот договор. Официјален Брисел ветува дека на удар на новите мерки ќе се најдат сите оние кои активно промовираат или учествуваат во насилнички екстремистички акции, на кои мета им е Охридскиот договор, а особено неговите базични елементи - како стабилноста, територијалниот интегритет , единството и мултиетничкиот карактер на македонската држава. Во оваа прилика се потсетува дека Охридскиот договор и неговата целосна имплементација остануваат клучен предуслов за Скопје на патот кон интеграција во ЕУ. Во таа светлина, се поздравува одлуката на македонската влада да ги усвои законите што овозможуваат децентрализација на власта. Кога станува збор за највисокиот европски пратеник во Скопје, министрите за надворешни работи, на сега веќе 25-ттемина, оддавајќи му признание на досегашниот пратеник Алексис Брунс, и формално од февруари го најавија новиот амбасадор - Сорен Јесен Петерсен, досегашниот претседавач со Регионалната иницијатива на Пактот за стабилност, посветена на миграцијата, азилот и бегалците. Во фокусот на средбата на министрите беше и европската полициска мисија во Македонија - Проксима. Се поздравува поддршката што на мисијата и' ја дава официјално Скопје и останатите меѓународни организации активни во Македонија. Министрите својата увереност за важноста на Проскима ја искажуваат и со одлуката од буџетот на унијата да ги покријат финансиските трошоци за мисијата во 2004 година.