1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црн ден за Европа!

18 јуни 2005

Самитот што требаше да испрати сигнал на единство и способност на ЕУ да наоѓа решенија и во време на тешка криза, заврши во „егоизми„ „саможивост„ и „себичје на богатите земји„. На крајот дури новите 10 членки на европското семејство се обидоа да ја спасат ситуацијата нудејќи отстапки, но и тоа беше попусто. Ваква бламажа за Европа одамна немало – коментира Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/AcEe
Загрижени лица во Брисел
Загрижени лица во Брисел

Ова беше црн ден за Европа! Двојната криза околу Европскиот устав и финансиите ја погодија во срце. Гневен како ретко кога и искусниот дипломат и актуелен претседавач со ЕУ, Жан Клод Јункер, изјави оти се срами во име на богатите земји, кои го загубиле чувството за европска солидарност. А и германскиот канцелар видно трогнат изјави оти е многу тажен поради ваквиот исход на самитот.

Вината за дебаклот меѓутоа не е само кај британскиот премиер Тони Блер. И неговиот холандски колега Јан Петер Балкененде, како и шведскиот премиер Јеран Першон бараа дури намалување на придонесите на нивните земји за заедничките каси. А од друга страна Франција и Шпанија не сакаа да се откажат од сите досегашни привилегии.

Ваквото однесување на врвните европски политичари не само што не испраќа сигнал на виталност и способност за преживување на европската идеја, туку напротив покажува оти тие се само во состојба меѓусебно да се блокираат. На тој начин сигурно нема да ја повратат инаку разнишаната доверба на граѓаните во европската идеја по негативните референдуми.

Добро, што сега понатаму? Неуспешниот самит во Брисел сигурно не е дефинитивен нокаут за ЕУ. Таа ќе продолжи да работи, но длабоко разнебитена. Можеби ова е еден вид прочистувачко невреме за ЕУ, како што оцени британскиот премиер Тони Блер. Сега соочена со сериозна криза таа мора отворено да разговара за

нејзините вистински цели, дефинитивно да се раздели од опашките на минатото и да донесе нов, модерен концепт за буџетот. Блер од 1 јули ќе ја преземе според клучот раководната улога во Унијата. Тој има шанса на урнатините на старата ЕУ да изгради нова, со британски лик. А тоа е помалку политичка интеграција и засилен економски либерализам. Застапниците на стариот курс како Герхард Шредер и Жак Ширак нема да можат многу да му попречат во тоа.