1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цуцлата наполни 60 години

2 јули 2009

Кога детето го цица прстот се лутат и родителите и стоматолозите, Пред 60 години, забниот ортопед Вилхем Балтерс и забарот Адолф Милер ја направија познатата „цуцла прилагодена на вилицата, која смирува“.

https://p.dw.com/p/Ifdc
Фотографија: Petra Nicklis

Цицањето е основна потреба на бебињата. Некои го цицаат палецот уште во мајчината утроба. Тоа ги смирува. Сепак, палецот е слаба замена за градите на мајката, кои на бебето му нудат храна, топлина и безбедност. И тука на сцена стапува цуцлата. Цуцлата во уста е далеку подобра од палецот, но и таа има свои недостатоци, вели логопедот Хајнрих Пфар: „Тоа е практична замена за детето да биде мирно и тивко. Само: што да правиме со кариесот, кога родителите ќе ја натопат цуцлата во мед, нутела или нешто слично?“

Schnuller Groß
Во различни форми и боиФотографија: Petra Nicklis

Денес се произведуваат цуцли од гума или силикон и ги има во скоро сите форми и бои – со ликови од бајки, знакови на фудбалски клубови или дури како заби на вампир. Таа им помага на родителите под стрес да го смират својот потомок. Само цуцлата во мед, не е единствен проблем, вели германскиот логопед. „Бебињата не може на природен начин да цицаат од цуцла. Нивниот јазик не е прилагоден на тоа да исцедат млеко од цврста гума. Затоа тие го цуцаат млекото со усните што по некое време може да доведе до тоа катниците да се поместат нанапред“, објаснува Пфар.

Светот без цуцли би бил подобар

По втората година детето би требало да престане да цица или барем да почне со одвикување. Но тоа понекогаш е полесно да се каже отколку да се стори и потребно е родителите да разработат стратегија. Погрубиот начин е: да се натопи цуцлата во сенф, а понежниот, да речеме, да повикаш на помош „добра вила која преку ноќ ќе ја однесе цуцлата, а ќе остави некаков подарок“, како што понекогаш бидува во цртаните филмови. Само тоа не успева баш секогаш. И така излегува дека светот без цуцли би бил подобар. Но постои и полоша варијанта: палец во уста.

Deutsche Erfindung Babyschnuller
Корисна, но и штетнаФотографија: bilderbox.de

„Затоа мајките мора да бидат активни. Мораме да се вратиме на природата, таа е алфа и омега на се’. Тогаш нема да ги имаме тие проблеми“, вели Хајнрих Пфар. Проблемите со забите се цена која се плаќа поради долготрајното цуцање на цуцла. Тоа не го планираа Балтерс и Милер кога ја измислија цуцлата пред 60 години.


Автор: Петра Никлиц / Иван Џерковиќ / Ана Алибегова

Редактор: Жана Ацеска