1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чавушоглу: Да се почитува „Македонско претседателство“

24 јуни 2010

„Јас ја почитувам одлуката за насловот ’Македонско претседателство’ и одлуката треба да се почитува“, изјави претседателот на ПС на СЕ, Мевлут Чавушоглу, по средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов во Стразбур.

https://p.dw.com/p/O22X
Мевлут ЧавушоглуФотографија: picture-alliance/ dpa

Првиот човек на Парламентарното собрание на Советот на Европа Мевлут Чавушоглу истакна дека тој не добил писмо, со кое од него се бара да не го употребува терминот Македонско претседателство. „Проблемот со името е реална пречка на патот кој води кон евроатлантската интеграција на земјата“, оцени Чавошоглу, додавајќи дека директните средби на премиерите на Македонија и Грција можат да придонесат за побрзо решавање на спорот.

Генералниот секретар на Советот на Европа Торбјорн Јагланд исто така ги расчисти дилемите околу употребата на придавката „македонски“. Јагланд потврди дека тој и секретаријатот на СЕ се придржува кон политиката на организацијата, односно спорот за името не се решава во Советот на Европа, туку во ОН. Важно е и дека ова претседателство има многу сложена агенда, а прашањето за името не е на агендата, рече Јагланд..

Иванов зборуваше пред СЕ

Во говорот пред парламентарците од 47 земји членки на СЕ, Претседателот Ѓорге Иванов се обиде да ја претстави Република Македонија како модел на интеграција без асимилација како модел на идна Европа, а не само лабораторија за она како треба да изгледа едно современо мултиетничко општетство во Европа.

„Она што денес е Македонија, утре ќе биде Европа“, нагласи Иванов.

Но, во една Европа во која владеат принципи и норми, сепак има и причини за незадовлство, барем кај Македонците.

„Се побара од Република Македонија прво да го промени знамето, а потоа и уставот. Македонија ги стори двете работи. Се бараат промени на името што е поврзано со идентитетот. Според Вас, почитуван претседателе, дали сметате дека тоа е во согласност со базичните принципи на нашата организација на СЕ, којашто инсистира на правото на секоја индивидуа, на секој народ да се нарекува така како што се чувствува“, запраша во дискусијата со членот на ПС на СЕ, македонскиот парламентарец Андреј Жерновски.

Flash-Galerie Mazedonien Djordje Ivanov
Ѓорге Иванов: Она што денес е Македонија, утре ќе биде ЕвропаФотографија: AP

Конкретниот одговор на Иванов дојде на крајот од неговиот говор:

„Би сакал да ве повикам вас, членовите на Парламентарното собрание, во името на постулатите врз кои почива оваа наша организација, да го вложите вашиот авторитет и внимание, да ги користите легислативните можности за промоција и заштита на разноликоста, идентитетот и дигнитетот на сите народи во Европа, вклучувајќи го и мојот, македонскиот народ.“

Да се засили дијалогот власт-опозиција

Македонскиот претседател пред ПС на СЕ предупреди на обидите за запирање на процесот на европското обединување поради актуелната криза, мислејќи притоа на процесот на проширувањето на Европската унија, бидејќи проширувањето е единствената одржлива алтернатива за регионот и за Македонија.

„Нема поголема движечка сила на нашите општества од интегративниот процес. Способноста на Европа да влијае врз своето соседство, без притисок, без сила, да ги привлекува соседните држави во своето соѕвездие на демократски и просперитетни држави, е една од најголемите сили на Европа.“

Претседателот на ПС на СЕ, Мевлут Чавошоглу од своја страна, го поздрави напредокот кој Македонија го има постигнато на патот на европската интеграција, но постети и на она што останува да се направи за да се зацврсти дијалогот и довербата во општетството, споменувајќи го, меѓу другото, и дијалогот меѓу опозицијата и власта во земјата.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска