1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чекор напред, но без договор

Марина Максимовиќ/Б. Георгиевски21 февруари 2013

Според очекувањата- клучна, а според учесниците- најтешката рунда од дијалогот Белград- Приштина заврши со чекор напред, но без конечно решение за институциите на Србите во Косово. Нова средба на 4. март.

https://p.dw.com/p/17iZf
Фотографија: Christos Dogas/ European Commission

Двата дена разговори на премиерите на Србија и Косово во Брисел беа посветени на само една, но голема и тешка тема: паралелните институции, тема која е од суштинско значење како за процесот на евроинтеграции на двете страни, така и за натамошниот тек на дијалогот. И Белград и Приштина и Брисел велат дека се „задоволни со значителниот напредок“, но на конечното решение се’ уште се чека. Премиерот на Косово, Хашим Тачи порачува дека решението се бара во рамките на косовскиот Устав, додека српскиот премиер Ивица Дачиќ вели дека идејата за заедницата на српски општини „повеќе никој не ја оспорува“.

„Доколку дојдеме до договор за тоа прашање, доколку навистина биде конституирана заедница на српски општини, таму каде што Србите се во мнозинство во Косово, значи не само на северот, и доколку таа заедница има значаен удел во политичкиот живот на Косово, значајни надлежности и овозможи остварување на српска самоуправа на Косово и Метохија, тогаш со тоа би ги решиле и другите практични проблеми кои се тема на овие разговори. Врз основа на таков, севкупен политички договор ќе дојде до решение за сите останати прашања“, изјави Дачиќ.

Дефинирање на заедницата

Она што претстои во наредниот период е дефинирање што таквата заедница всушност претставува. Експертските групи во следните недели треба да изработат план како би изгледала заедницата на српски општини на Косово, кои органи и надлежности би ги имала, како би се бирале делегатите, и какви би биле нејзините односи со Приштина и Белград. Тие детали треба да бидат подготвени за помалку од две недели, кога за 4. март е закажана нова, шеста рунда од дијалогот во Брисел.

И косовскиот премиер Тачи очекува решавање на проблемите на северот на Косово кои „се таложат во последните 13 години“.

Kosovo Mitrovica Straßenszene
Северот на Косово била главна тема на разговорите. фото: Косовска МитровицаФотографија: DW

„Безбедносните структури ќе бидат расформирани, а ќе бидат пронајдени други можности во однос на системот на образование, здравство, цивилни службеници, за нивна трансформација и прилагодување“, рече Тачи.

Свест за последиците

„Да беше можно за два дена да се реши повеќевековниот проблем во односите меѓу српскиот и албанскиот народ јас верувам дека тоа веќе ќе го стореше некој пред мене“, рече српскиот премиер по дводневните разговори. Тој признава дека дијалогот е оптоварен со датуми, имајќи предвид дека Европската комисија треба да го објави извештајот за напредокот на Србија и Косово до средината на април, а во јуни да се одлучува за евентуален почеток на пристапни преговори за Србија, односно преговори за Договоро за стабилизација и асоцијација за Косово.

„Во следните неколку денови и месеци ќе имаме силна меѓународна активност, но се’ ќе зависи од дијалогот. Нови услови нема, но старите се доволно тешки да предизвикаат проблеми“, изјави Дачиќ кој најави и нови консултации на државниот врв во Србија за натамошниот тек на преговорите со Приштина.