1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чекор понапред против корупцијата

17 ноември 2009

Македонија е на подобра позиција за едно место на годинешната ранг листа според индексот на корупција на Транспаренси интернешнл. Но, овој резултат може да се толкува и како забававување во битката против корупцијата.

https://p.dw.com/p/KZAR
Фотографија: AP

Во изминатите години Македонија бележеше значително поголеми скокови на светската листа. Во рангирањето за 2009 е на 71 то место во друштво со Бугарија, Романија и Грција. Претседателот на „Транспарентност нулта корупција“, Слаѓана Тасева смета дека нема место за задоволство од денеска објавениот резултат.

“Македонија е рангирана под индексот 5, значи под среден резултат, и тоа значи дека се‘ уште не треба да бидеме како сме рангирани на индексот. Се наоѓаме во друштво со оние држави коишто претставуваат сериозна причина за загриженост на ЕУ, поради проблемот со корупцијата во рамки на нејзините членки“, изјави Тасева.

“Фактот дека ние сме подобри од минатата година за 0,2 индексни поени, не покажува дека сме го задржале трендот на подобрување на состојбата во оваа сфера, којшто го имавме во изминатите две години, туку имаме одредено стагнирање на состојбата“, додаде таа.

Symbolbild Korruption
Колкав е реалниот напредок против корупцијата во Македонија?Фотографија: picture-alliance/dpa

Во кое друштво е Македонија?

Во истражувањето се опфатени 180 земји. Од земјите во регионот, највисоко е бодувана Словенија, која е на 27 место, потоа Хрватска и Црна Гора, кои се на 66, односно 69 позиција.

На иста позиција со Македонија е Бугарија, а веднаш зад нив се Грција и Романија.

Србија е на 83 позиција, а далеку зад Македонија се Албанија и БИХ како земји со највисок степен на корупција во регионот.

Целта на ова истражување е да се создаде јавна свест за корупцијата, клима за промени, како и да се понуди слика на ставовите на бизнисмените и експертите во врска со овој проблем. Тасева вели дека индексот на корупција покажува дека овој проблем останува сериозен предизвик за целиот регион. Конкретно за Македонија корупцијата е еден од најдлабоките проблеми на македонското општество и сериозна пречка во евроинтегративниот процес на земјата. Според оценките на експертите и досегашните истражувања, најкорумпирани сектори се судството, здравството, образованието, јавната администрација, медиумите, но загрижувачка е состојбата и во приватниот сектор.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска