1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чејни на Светскиот економски форум во Давос

24 јануари 2004
https://p.dw.com/p/AcQS
Американскиот потпретседател Дик Чејни денеска во Давос се изјасни за потесна соработка со ЕУ и со НАТО и побара европските земји да стават на располагање повеќе војници за мисите во Ирак и во Авганистан. Чејни побара поддршка и за демократските реформи во Иран. За разлика од шефот на Стејт департментот Колин Пауел, аплаузот по обраќањето на Чејни беше прилично воздржан.

Политичкиот курс на САД кон ОН и кон европските партнери е сосема јасен. Како претходно и министерот за правда Џон Ешкрофт, и потпретседателот Чејни во Давос се однесуваше според мотото: "да не сториме ништо што повторно ќе ги вознемири потенцијалните поддржувачи". Така, набљудувачите на Светскиот економски форум можеа да доживеат еден американски потпретседател и згора на тоа понарешен министер за одбрана, кој потсети на успешната политичка и економска соработка со Европа. Според него на овој политички курс се придржувале сите американски претседатели од крајот на Светската војна.

Чејни во 30-минутниот говор пред учесниците на Форумот во Давос меѓутоа нагласи дека по атентатите од 11. септември на светот му се закнуваат нови опасности. Тој потсети на серијата разурнувачки атентати по целата земјите топка и нагласи дека група фанатични убијци се обидуваат со сите сили да дојдат во посед на оружје за масовно уништување. Затоа Америка мора и понатаму да се придржува до примената на сила како последно средство:

"Да се унапредуваат слободата, праведноста и мирот, тоа е голема задача. Борбата против опасностите на една нова ера се предизвик за сите нас. Примената на воена сила при тоа, кога не оди поинаку, е пак најтешката одлука. Но, ние не се плашиме од неа, бидејќи знаеме дека слабоста, одвојувањето и изолацијата би можеле да не' водат само кон нови трагедии."

Дик Чејни апелираше и за поддршка во создавањето подемократски Блиски и Среден Исток и како добар пример во таа насока ги посочи процесите на трансформација во европските земји по паѓањето на железната завеса. Во тој контекст Чејни ги повика Палестинците на реформи, но истовремено го предупреди и Израел од преземање чекори кои ќе го торпедираат мировниот процес и посебно ќе ги влошат животните услови на палестинското население на Западниот брег и во појасот Газа. За целиот регион според него важи настојувањето на реформски чекори какви што се спроведуваат во Ирак:

"По децении угнетување демократијата полека фаќа корен во Ирак и тоа само една година откако беше симнат од власт Садам Хусеин, кој сега се наоѓа во затвор."

Чејни најде зборови на пофалба и за земјите кои ги поддржаа САД во операцијата во Ирак во рамките на коалицините сили, нагласувајќи дека тие земји доаѓаат од континентот што неговиот колега Доналд Рамсфелд го нарече "стара Европа". Чејни го спомна ангажманот на Германија во Авганистан, но побара истовремено повеќе европски сили за мисијата во Ирак:

"Ги повикуваме сите демократски нации и ОН да се одзват на повикот на ирачката преодна влада и да му помогнат на народот на патот кон демократијата. Нашата мировна стратегија не' обврзува да им помогнеме на оние, кои се жртвуваат за мирот на Средниот исток" - нагласи американскиот потпретседател Дик Чејни во говорот во Давос.