1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чилеанските рудари една година по несреќата

6 август 2011

На 5. август минатата година се случи трагедија во рудникот Сан Хозе во Чиле. По експлозијата на гас, 33 рудари останаа закопани на длабочина од 700 метри 69 дена. Што прават денес херојските рудари?

https://p.dw.com/p/12BsA
Фотографија: AP

Во периодот по нивното спасување, рударите преку ноќ прераснаа во супер-ѕвезди. Гостуваа на различни ток-шоуа ширум светот, трчаа на маратони, џогираа заедно со Мики Маус и Пајо Паторот во Дизниленд, се сретнаа со Далај Лама и со папата и ја посетија светата земја.

Во последно време медиумската фрка стивна и 33 рудари полека се враќаат кон нормалниот живот. Но, тоа не им оди на сите така лесно. Жителите на Чиле ги сметаат за херои, кои наводно заработиле милиони. „Има луѓе кои ни љубоморат. Тие воопшто не се интересираат за нас. Надвор од Чиле е поинаку. Таму се` уште сме вистински херои, така и постапуваат со нас, како со ѕвезди“, вели самопрогласената светска ѕвезда Марио Гомес.

Тој, исто како и останатите негови колеги, не се збогати од несреќата во рудникот. Напротив, моментално добивам само боледување од илјада евра, вели тој, а истата судбина ја делат и останатите рудари. Четиринаесетмина од нив веќе поднесоа барање за предвремена пензија - се жалат на психичка лабилност, се` уште не можат да го обработат тоа што го доживејаа. Некои утехата ја бараат во алкохолот, а патат и од напади на страв и паника, како и несоница.

Chile Minenunglück Rettungsarbeiten Flash-Galerie
Капсулата со чија помош беа извадени 33 рудариФотографија: AP

Никогаш повеќе во рудник

Иако поднесоа тужба против компанијата за која работеа, оттаму не добиле ништо, бидејќи таа во меѓувреме банкротира. На рударите-херои не им останува ништо друго, освен да живеат од повремени ангажмани и донации.

Меѓутоа има и убави вести. Етебан Рохас на седумстотини метри под земја и` вети на својата девојка Џесика дека ако излезе оттаму ќе се венча со неа. Естебан си го одржа зборот. „Многу сум горд што стигнав дотука и што можам да го исполнам ветувањето“, рече тој откако го кажа судбоносното „да.“

Некои од 33 рудари се обидоа повторно да работат во рудник, но тешко им оди, многу често изостануваат од работа. И Марио Гомез се чувствува така. „Нема никогаш повеќе да стапнам во рудник“, вели тој.

Автор: Хулио Сегадор / Трајче Тосев

Редактор: Борис Георгиевски