1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чилеанските рудари ќе ја напуштат јамата

11 октомври 2010

По два месеци минати во темнината на 700-метарската дупка, 33-та чилеански рудари се на добар пат да ја здогледаат светлината на денот. Не е повеќе прашање дали, туку кога, ќе почне нивното извлекување.

https://p.dw.com/p/PatK
Фотографија: AP

Иако инженерите се во трка со времето да ја ископаат и обезбедат дупката низ која ќе треба да бидат извлечени 33-та рудари кои веќе два месеци се заробени во рудникот Сан Хозе во Чиле, тие сега не можат да се договорат кој прв да ја напушти јамата. Проблемот е што ниту еден од рударите не сака да биде меѓу првите кои ќе заминат од јамата. Атмосферата во јамата ја пренесе чилеанскиот министер за здравство Хаиме Маналиш кој вчера разговарал со рударите. „Разговарав со нив и им споменав дека работиме на планот според кој треба да бидат извлечени. Реков дека планот ќе зависи од технички фактори“.

„И каква беше реакција на неколкумина од нив? Господине министер, сето тоа е во ред, но јас сакам да си одам последен. А потоа се појави уште еден и рече: ’не не другари, се договоривме дека јас ќе одам последен’ “, ја пренесе дискусијата Маналиш.

Според него, тоа покажува дека рударите одржале висок дух на солидарност и поддршка еден кон друг. Министерот соопшти дека сите се во добра здравствена состојба.

Патувањето нема да биде лесно

Според последните проценки на инженерите, кои викендов успеаја да ја пробијат дупката до јамата, извлекувањето на рударите ќе може да започне веќе в среда. Во моментов се работи на зајакнување на капсулата со која, еден по еден, ќе бидат извлекувани луѓето. „Секако, тоа нема да биде лесно патување. Нема баш да биде едноставно како излегување на цевче од чаша со пијалок“, вели Брендон Фишер, американски инженер кој работи на спасувањето.

Проценката е дека извлекувањето на секој рудар поединечно ќе трае од 20 до 60 минути, што значи дека за сите 33-ца ќе бидат потребни околу два дена. „Рударите ќе имаат можност да ја одвојат капсулата во долниот дел и со неа да се вратат до дното, доколку нешто не е во ред. На тој начин, доколку капсулата од било која причина се заглави, ќе имаме можност да ја извлечеме без ризик за рударите“, изјави чилеанскиот министер за рударство, Лоренс Голборн.

Пред рудникот, пак, стотици новинари и телевизиски екипи го очекуваат почетокот на извлекувањето надевајќи се дека ќе ги „уловат“ првите снимки на спасените рудари.

Автор: БГ/ АТ/ дв/ афп

Редактор: Александра Трајковска