1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чилеанските херои го напуштаат рудникот Сан Хозе

13 октомври 2010

Неколкумина од 33-та чилеански рудари ја напуштија јамата во рудникот Сан Хозе, откако утрово започна спасувачката операција. Сите досега извлечени со во добра физичка состојба и немаат поголеми здравствени проблеми

https://p.dw.com/p/PdId
Клаудио Јанез беше осмиот рудар кој ја напушти затрупаната јамаФотографија: AP

Флоренсио Авалос беше првиот рудар извлечен на површината по повеќе од двомесечниот престој во затрупаниот рудник, на длабочина од околу 700 метри. По патувањето со капсулата симболично наречена „Феникс“ кое траеше 17 минути, тој ги прегрна својот син и сопругата и му се заблагодари на претседателот на државата Себастијан Пињера за извлекувањето.

„Чиле е среќно. Рударите никогаш не беа сами. Цело Чиле мислеше на нив во секоја минута од изминатите 69 дена. Се ближи среќниот крај, а целата земја е благодарна“, изјави Пињера.

Chile Rettung Bergleute Mario Sepulveda
Пресреќниот Марио Сепулведа извикуваше „Да живее Чиле“Фотографија: AP

Вториот рудар извлечен утрово беше Марио Сепулведа, кој ги одушеви присутните, откако по излегувањето почна да вади камења од рудникот кои ги понел со него во торба и притоа извикуваше „Да живее Чиле“.

Извлекувањето на останатите рудари се одвива без застој и се очекува целата акција да заврши најдоцна во текот на утрешниот ден, бидејќи според досегашното темпо, потребен е околу еден час за секој од 33-ата рудари. Спасувачката операција, според министерот за здравство Хаиме Маналиш се одвива подобро од очекувањата, а здравствената состојба на сите кои досега го напуштија рудникот е стабилна.

Секој рудар е опремен со маска за кислород, опрема за комуникација и темни очила кои треба да ги заштитат од првичниот шок.

69 дена во пеколот

Рударите поминаа 69 дена во жешката и влажна внатрешност на рудникот за бакар и злато Сан Хозе, во кој се случи хаварија на 5. август. Во првите 17 дена во кои беа целосно изолирани од светот, пред да бидат откриени, преживувале со еден залак туна и голтка млеко на секои 48 часа. Според информациите, тие во изминатите месеци ослабнале во просек по 10 килограми. Во јамата владее голема жештина и влага, а самите рудари досега ја опишуваа едноставно како „пеколот“.

Chile Bergung Rettung der Minenarbeiter
Емоционални средби со најблиските по 69-дневното заточеништвоФотографија: AP

Веднаш по извлекувањето рударите се упатуваат на лекарски прегледи во полската болница која е монтирана во самиот рудник, а потоа со хеликоптер ќе бидат префрлени на испитувања во блискиот град Копиапо. Нивното извлекување е првото и досега единство од овој вид на толку голема длабочина.

Настанот, кој се претвори во вистински спектакл, освен роднините и најблиските на рударите, одблизу го следи и чилеанскиот државен врв како и околу 1.600 новинари од целиот свет. Сепак, преживеаните досега одбегнуваа да зборуваат со новинарите, а тоа според чилеанските медиуми се должи на лукративните договори кои рударите веќе ги потпишале со различни издавачи за правото на нивните ексклузивни приказни.

Автор: БГ/ афп/ дв

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема