1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Човечка трагедија во Багдад

31 август 2005

Поради паника се урнала оградата на еден преполнет со аџии мост и притоа загинаа повеќе од 640 луѓе. Поголемиот дел од нив - жени и деца. Повредени има исто така неколку стотици.

https://p.dw.com/p/AcCx

Стотици илјади верници изутринава оделе во насока на џамијата на имамот Муса ал Кадим, чија смрт се одбележува секоја година од деветтиот век наваму. На мост на реката Тигар, преполн со луѓе, избила паника поради гласините дека во масата народ има атентатор самоубиец. Толпата почнала да се меша, луѓе почнале да паѓаат во реката, а други биле едноставно притиснати од масата народ.

“Бевме на мостот и беше преполно. Околу мене имаше илјадници луѓе. Слушнавме дека меѓу луѓето има атентатор самоубиец. Тогаш скокнав од мостот и испливав на брегот. Видов како во водата паѓаат жени, деца и стари луѓе“, раскажува 28 годишниот Фадел Али, кој се спаси од човечкото инферно.

На собирот на аџиите, според проценките, учествувале околу милион луѓе. Инаку, само два часа пред уривањето на оградата на мостот, околината на џамијата беше гранатирана и притоа загинаа седу, а повредени беа 40 лица. Во минатото, шиитските собири и прослави беа повеќепати напаѓани од сунитски екстремисти.