1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чоколадото пред суд!

13 јули 2009

Смее ли чоколадото да има полузаоблени краеви? Со години се води судски спор за тоа, навидум бесмислено прашање. Сега Европскиот суд одлучи: смее, дури иако тоа чоколадо не е „Баунти“ од познатиот производител „Марс“.

https://p.dw.com/p/ImOH
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Беше тоа борба на Давид против Голијат. Голијат е американскиот концерн „Марс Инкорпорејтед“, кој патентирал баш се‘, што потсетувало на неговите чоколади како „Марс“, „Милки веј“, „Сникерс“, „Твикс“...и „Баунти“. А тоа вклучува име, мешавина, букви и графичка обработка на пакувањето – како и самата форма на чоколадото. Дотолку и во 2003 година концернот успеа и во Европската унија да ја заштитити формата на чоколадото со кокос, со неговите полузаоблени краеви и брановидно нанесено чоколадо на горниот дел.

Формата на производите можно е да се заштити и според европското право. Но, тој изглед мора „битно да отскокнува“ од обичаите во тој сектор. Што значи тоа „битно да отскокнува“? Полузаоблениот агол на чоколадото не е вообичаен, а не е ниту редок. Производителите на чоколатца навистина мора да се потрудат горната површина да биде рамна, а не брановидна како кај „Баунти“.

„Зошто сега одеднаш не смееме да изработуваме чоколади со полузаоблени агли?“

Schokolade
Останатите чоколади го победија БаунтиФотографија: AP

Давид кој го предизвикуваше Голијат беше фабриката „Лудвиг Шоколаде“ од Бергиш Гладбах, фабрика која дури и со својот матичен концерн, групата „Кригер“, едвај може да се мери со американскиот „Марс“, кој годишно остварува промет од околу 28 милјарди долари. И тој, Давид, му постави прашање на судот: Ние правиме чоколади и чоколадни бонбони од 1857. Зошто сега одеднаш не смееме да изработуваме чоколади со полузаоблени агли?

Американскиот концерн се обиде да го увери Европскиот суд во статистиките дека две третини од возрасните потрошувачи во Германија во чоколадите со полузаоблени краеви го препознаваат токму нивниот производ со вкус на кокос. Конечно, само во оваа земја, „Марс“ го продава „Баунти“ во вредност која се мери во десетици милиони евра.

Но судиите во Луксембург одлучија: американскиот производител не успеа да ги увери дека во девет, од вкупно 15 земји на Европската унија во моментот кога започна спорот, „Баунти“ по својот облик битно отскокнува од останатите чоколади. И затоа се укинува заштитата на формата каде што врвот на чоколатцето е полузаоблен. Американскиот концерн Марс се‘ уште може да поднесе жалба на оваа пресуда – и многу е веројатно дека и тоа ќе го стори.

Автор: А. Шубиќ (АФП)/ Ана Алибегова

Редактор: Жана Ацеска