1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чудесната моќ на светлината

Каролина Махаус/ Александра Трајковска 28 декември 2013

Светилки кои во внатрешните простории треба да внесат дневна светлина - тие сѐ повеќе наоѓаат примена како во болничките соби, така и во приватните домови и трговските центри.

https://p.dw.com/p/1AOL8
Фотографија: dpa

Зима во Германија - деновите стануваат пократки, а сонцето сѐ поретко се гледа. Тоа им го расипува расположението на многу луѓе.

„Кога се будите и надвор е намуртено, сонцето не грее, тогаш тоа понекогаш се одразува врз расположението.“

„Таму од каде што доаѓам има многу сонце. А во Германија на лето секако има премалку сонце за мене, од тука тоа ми недостасува преку целата година“.

„Морам да одам на вежбање и потоа правам нешто за мојот изглед, за да се чувствувам подобро, можеби ќе одам во солариум, за сонцето да биде тука“.

Тимот од берлинската фирма за дизајн „Лихттројме“ знае какво влијание има светлината врз луѓето.

Тие веќе реализираа различни концепти за светлината. Од скалиште до канцелариски објект.

Милко Муралтер се специјализираше за тоа во внатрешни простории да поставува извори на светлина, кои колку што е можно повеќе наликуваат на дневна светлина. „Стануваме кога се пали светлото и одиме во кревет кога светлината преминува во темнина, бидејќи сончевата светлина е всушност нашето мерило. Значи тоа секако не можеме да го подобриме. А можеме само да му се приближиме“.

Употребата на модерни светлечки елементи е многустрана. Тие се наоѓаат во базени, во канцеларии, во музеи, и во лекарски ординации.

Но, и во приватни станови се употребуваат сѐ почесто новите светлечки форми - со штедливи ЛЕД светилки и на поголема површина од порано.

Led Lampen
Фотографија: picture-alliance/ZB

„Боите може повеќепати да се менуваат. Исто така може да се развие една статуа, светлечка сцена, и сето тоа постојано дава поинаква слика за просторијата и тоа е нешто пријатно“, вели претприемачот Пер Новаковски.

Позитивното влијание на светлината врз луѓето се истражува во клиниката Шарите во Берлин.

Овде еден мал оддел за интензивна нега е опремен со нова светлина.

Две соби со четири кревети беа така опремени за на пациентите да им нудат комфор и приватна сфера.

Процесот на заздравување го придружуваат светилки на таванот.

„Значи го имаме овој дневно-ноќен ритам со изгревање на сонцето, со заоѓање на сонцето и ова води до тоа дека навечер може подобро да се спие. Внатре имаме зелени елементи, во таванот ги гледате овде горе, тоа влева одредена сигурност, тоа ни дава заштита. Целата соба архитектонски е така поставена што е еден вид дневна соба значи ја нема повеќе архитектурата на магацинска хала како во другите оддели за интензивна нега“, вели проф. Клаудија Шпис.

Таваните со светилки треба да ги релаксираат пациентите и да ги анимираат. Тие можат да си играат со тоа и да ги менуваат боите, да гледаат низ зелена крошна на дрво или да го посматраат движењето на облаците.

„Тој очекува студена бучна соба на одделот за интензивна нега и тогаш се буди и гледа дека атмосферата е пријатна, дека горе има светлина и дека воопшто не е бучно. И мислам дека пациентите уживаат во тоа“, вели медицинската сестра Моник Шитер.

Исто така и продажните објекти полагаат во новата светлина. Во еден трговски центар во берлинската населба Хелерсдорф таваните се опремуваат со ЛЕД техника.

Дизајнерот за интериер Петер Мунски подвлекува: „Светлината е силен мотор за чувството на благосостојба во приватниот и јавниот простор. И оттука светлечката техника, доколку биде применета интересно и интелигентно, може да влијае, позитивно да влијае врз желбата за купување и чувството на добросостојба на минувачите“.

Вакви светлечки тавани чинат од 100 евра па нагоре по квадратен метар. Во зависност од трошоците растат цените. Тие не само што изгледаат убаво, туку исто така и штедат струја. Две причини, кои го подобруваат расположението и во мрачното годишно време.