1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чудовиште на светската политичка сцена

Клаус Кастан12 април 2008

Драстичен пораст на цените на прехранбените производи - закана за кризи и безредија во најсиромашните земји на светот. На 100 милиони луѓе им се заканува уште поголема беда. Светската банка гледа потреба за дејствување.

https://p.dw.com/p/DgcO
Хајдемари Вичорек-Цојл, гувернер, и Роберт Зелик, претседател на Светската банкаФотографија: AP

Цените на прехранбените производи во светот се во постојан пораст. Оризот, наместо вообичаените помалку од 400, достигна до илјада долари за еден тон. Слично е и со пченицата и пченката. Во посебно сиромашните држави трошоците за увоз на житарици годинава би можеле да пораснат за 56 насто, проценува Организацијата за храна ФАО. Поради тоа се закануваат кризи и безредија.

Светската банка гледа потреба за дејствување. Претседателот на Банката Роберт Зелик на прес-конференцијата извади кеса со ориз за сликовито да претстави: „Во Бангладеш кеса со два килограма ориз, како оваа што ја држам, е соодветна на половина од дневните приходи на едно сиромашно семејство“.

На пролетната средба на Светската банка се истражуваат причините за драстичниот пораст на цените на храната. „Има еден сплет од причини - на пример високите цени на енергијата, потоа засилената потреба од прехранбени средства во светот, драматично зголемената побарувачка на био-дизел гориво, а имаше и една фаза на невообичаено долга суша во Австралија, како и во централна и источна Европа. Земено се’ заедно, ова ги тера цените угоре“ - рече Зелик.


Само преодна појава или идна начелна проблематика?


Светската банка проценува дека радикалниот пораст на цените ќе одведе околу 100 милиони луѓе во уште поголема беда. И политичарите во овој тренд гледаат основа за закана од катастрофа со непознат исход. Германскиот министер за финансии Пер Штајнбрик на маргините на средбата на Г7 рече: „На политичката сцена одненадеж стапнува едно чудовиште. Со поглед врз размерите на порастот на цените на пченицата и оризот врз основа на променетите структури на побарувачката, добивам впечаток дека ова веќе не е само преоден феномен, туку би можел да биде многу принципиелна проблематика со значително влијание врз земјите во развој и во подем, и врз исхраната на луѓето“.

Во повеќе земји во развој веќе дојде до безредија. Последниве денови ги имаше во Тунис, токму земјата со најголем среден слој во Африка. Светската банка смета дека мора да се дејствува пред да се случи нешто полошо. Хајдемари Вичорек-Цојл, германски министер за развојна помош и гувернер на Светската банка се надева и полага врз разумот на Банката: „Се надевам дека на средбата вниманието на сите учесници ќе биде концентрирано врз тоа, да се спречат катастрофи“.

►◄