1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Шакалите“ вршеле воени злосторства во Косово

Ивица Петровиќ / Александар Методијев13 февруари 2014

„Шакалите“ за време на конфликтот на Косово во 1999 година не беа паравоена единица, туку дел од војската на Југославија, утврдено е на судењето на 9 припадници на таа единица. Тоа речиси и не допира до српската јавност.

https://p.dw.com/p/1B7ss
Фотографија: picture-alliance/dpa

Посебно одделение на Вишиот суд за воени злосторства во Белград осуди девет припадници на паравоената формација „Шакали“ на вкупно 106 години затвор поради злосторства над албански цивили за време на конфликтот на Косово во 1999 година. Двајца обвинети од таа формација се ослободени. Во правосилната пресуда стои дека осудените се виновни за убиства на над 120 цивили во селата Чушка, Захаќ, Павлар и Љубениќ. Најмладата жртва имала 19 години, а најстарата 87 години.

Со пресудата е заклучено дека главната цел била протерување на Албанците од тоа подрачје и дека притоа од жртвите се одземани вредни работи и лични документи. Злосторствата се направени во текот на април и мај 1999 година, а операцијата во селата околу Пеќ, каде се извршени убиствата, немала некаква директна воена цел. Припадниците на „Шакалите“ за време на убиствата, силувањата, уништувањето на имотот и извршувањето на другите кривични дела покажувале исклучителна суровост и безобѕирност. Неретко им пукале на жртвите во грб, по што најголем дел од телата биле запалени, со цел да се оневозможи утврдување на нивниот идентитет.

Воени, а не паравоени единици

Пресвртница во овој случај претставуваше исказот на припадникот на „Шакалите“ Зоран Рашковиќ, кој за време на судската постапка во детали ги опиша воените злосторства на таа единица. Значајно е да се нагласи дека за време на процесот е утврдено дека „Шакалите“ во тоа време всушност биле дел од војската на Југославија и дека припадниците на оваа единица примале плата од војската.

Сандра Орловиќ, директорка на „Фондот за хумано право“, за Дојче веле нагласува дека поради тоа за нив не може да се зборува како за паравоена единица. Таа вели дека пресудата е значајна бидејќи се покажало дека не е точно она што со години се зборувало – дека воените злосторства во Косово ги извршиле одметнати групи на вооружени луѓе. Орловиќ додава дека е утврдено кому оваа единица полагала сметки – на 125-та моторизирана бригада на тогашната војска на Југославија.

Sonderkammer für Kriegsverbrechen am Bezirksgericht Belgrad
Посебното одделение на Вишиот суд за воени злосторства во Белград пресуди вкупно 106 години затвор за 9-те припадници на „Шакалите“Фотографија: picture-alliance/dpa

Злосторства зад затворени врати

„Се плашам дека ниту една судска пресуда, па ниту оваа, нема да ја промени перцепцијата на српската јавност за тоа што навистина се случувало во Косово во тие години“, оценува за Дојче веле Андреј Носов, директор на фондот „Хартефакт“. Носов смета дека тоа нема да се случи се’ додека српските политичари не ги прифатат тие пресуди.

„Имаме многу малку извештаи во нашиот јавен простор за овие судења. Да не зборуваме за жртвите – за тоа што се случувало со жртвите во тој конкретен случај, речиси ништо да не дознавме. Тоа е голем проблем, бидејќи тие судења остануваат зад затворени врати“, вели Носов.

„Од тие пресуди сфаќаме дека тој конфликт на Косово всушност бил војна гради в гради со невооружени цивили или со цивили за кои постоел сомнеж дека можеби припаѓаат на некои вооружени сили“, истакнува Носов. Тој додава дека српскиот народ не сфатил што правела државата со Албанците во текот на деведесетите години и зошто дојде до бомбардирање од страна на НАТО.

Сандра Орловиќ смета дека „судските пресуди не се доволни да ја променат перцепцијата на јавното мислење за тоа што се случувало во Косово“. Според неа, потребни се континуирани гестови.

„Ние досега не слушнавме извинување, некаков симболички гест кон албанските жртви. Тоа дури и не е доволно и тоа не би смеел да биде единствениот гест, кој политичарите можат да го понудат“, забележува директорката на „Фондот за хумано право“.