1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шалке на победничкиот трон

23 мај 2011

Шалке извојува убедлива победа над Дуизбург во финалето на германскиот куп од 5:0, што викендов се одигра во Берлин. Себастијан Фетел, пак, триумфално ја заврши трката за Големата награда на Шпанија.

https://p.dw.com/p/11Lex
Фотографија: dapd

Финалето во германскиот фудбалски куп заврши со најубедлива победа од 1972 година досега. Фаворитот Шалке пред 75 илјади гледачи на Олимпискиот стадион во Берлин го совлада второлигашот Дуизбург со 5:0 и си обезбеди настап во Лигата на Европа за следната сезона.

Радоста на фудбалерите на Шалке беше голема, особено имајќи ги предвид големите разочарувања во текот на сезоната и шесте порази по ред на крајот на бундеслигашката кампања.

„Знаците пред мечот не беа толку добри, но во изминатата недела трениравме многу добро, се фокусиравме и мислам дека повеќе од заслужено победивме“, изјави играчот на средниот ред на Шалке, Пер Клуге.

Мечот решен по првото полувреме

Шалке го започна мечот многу ангажирано и имаше повеќе од играта, не оставајќи му никаква шанса на аутсајдерот Дуизбург, кој се најде во негатива уште во 17-та минута од мечот.

„Одлично додавање во средината, Фарфан кон Дракслер, Дракслер шутира и гол!“

Првиот погодок на 17-годишниот Дракслер им даде крилја на фудбалерите на Шалке. Клас Јан Хунтелар и Бенедикт Ховедес погодија уште по еднаш за 3:0 на полувремето. Така мечот беше фактички решен уште по првите 45 минути.

Flash-Galerie DFB-Pokalfinale 2011 MSV Duisburg - FC Schalke 04
17-годишниот Јулијан Дракслер при постигнувањето на првиот погодокФотографија: AP

„Одигравме многу концентрирано и брзо ја префрлавме играта од одбраната во нападот. Затоа и на крајот убедливо победивме“, изјави тренерот на Шалке, Ралф Рангник.

И во вториот дел продолжи симфонијата на тимот од Гелзенкирхен, а во листата на стрелците се запиша и Хурадо и уште еднаш Хунтелар. За еден од играчите, кој последната титула на Шалке ја прославил во 2002 година, но од трибините како навивач, победата имаше посебен шмек. Капитенот Мануел Нојер имаше посебна причина за славје.

„Одлично рурско дерби овде во Берлин. Не очекував дека ќе славиме толку убедливо. Само сакав да уживам во моментот кога го подигнав трофејот, знаејќи дека титулата е наша. Тоа за мене беше остварување на сонот и многу сум горд на целиот тим“, изјави Нојер, кој веќе најави дека на крајот на сезоната ќе го напушти тимот во кој се наоѓа уште од најраното детство.

Прв трофеј за Раул во домашен куп

На другата страна, и покрај тешкиот пораз, навивачите на Дуизбург со овациии ги испратија своите играчи од теренот.

Flash Galerie Schalke 04 feiert den Pokalsieg
Верувале или не! Прв трофеј за Раул во еден домашен купФотографија: dapd

„Секогаш е тешко кога ќе се загуби. Но, видливо беше дека ни недостасуваа најдобрите играчи. И покрај поразот, задоволен сум и им благодарам на навивачите што имаа толку разбирање. Денеска не можевме повеќе“, изјави тренерот на Дуизбург, Милан Шашиќ, чиј тим има четири порази во исто толку финални мечеви во својата историја.

Најголем куриозитет од мечот сепак беше фактот што за шпанската фудбалска легенда Раул, кој во 16 сезони настап за Реал Мадрид и ги освои сите можни домашни и европски титули, ова беше прв трофеј во еден домашен куп.

Фетел доминира во Формула 1

Актуелниот шампион во Ф1, Себастијан Фетел ја продолжува својата доминација во новата сезона. Младиот Германец ја оствари четвртата победа на петтата трка во годинашното првенство, Големата награда на Шпанија, која се возеше на патеката Каталуња.

До 14-та победа во кариерата Фетел стигна со една секунда предност на целта, пред Луис Хамилтон на Мекларен Мерцедес. Џенсон Батон го комплетира успешниот викенд на Мекларен, освојувајќи го третото место.

Sebastian Vettel beim Großen Preis von Spanien
Себастијан Фетел сезонава нема конкуренцијаФотографија: dapd

Освојувачот на пол позицијата, Марк Вебер од Ред Бул, мораше да се задоволи со четвртото место, а бодови во Шпанија освоија и Фернандо Алонсо со Ферари, тројца Германци, Михаел Шумахер и Нико Розберг од Мерцедес и Ник Хајдфилд на Рено, како и пилотите на Заубер, Себастијан Перез и Камуи Кобајаши.

Инаку, на патеката Каталуња видлива беше доминацијата на возилата на Ред Бул и Мекларен Мерцедес, бидејќи само првите четворица трката ја завршија во ист круг.

По пет трки во Ф1 шампионатот, Себастијан Фетел е лидер со 118 бодови, Хамилтон има 77, а Вебер 67. Во конкуренција на конструктори води Ред Бул со 185 бода, пред Мекларен и Ферари кои имаат 138, односно 77 бодови. Следната шеста трка во шампионатот се вози веќе следниот викенд во Монако.

Автор: Борис Георгиевски/дв/афп/дпа

Редактор: Горан Чутаноски