1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шанса која не ја искористија сите

1 октомври 2010

Обединувањето на Германија предизвика промени, но не влијаеше драматично врз македонската економија. Некои од македонските компании кои беа присутни на тој пазар се снајдоа и се престроија.

https://p.dw.com/p/PRne
Македонија извезува текстилни производи во ГерманијаФотографија: Nikos Pilos

Процесот на реформи во кој влезе дотогаш поделената држава предизвика главоболки кај многу македонски компании за кои источниот и западниот германски пазар со децении беа од витално значење. Умешните и снаодливите го искористија моментот и се престроија, но поголем дел не успеаја да се снајдат во реформите. „Макотекс“, „Интеримпекс“, „Македонија спорт“, се само некои од фирмите за кои германското обединување значеше и почеток на крајот кој го доживеаа во годините по распадот на Југославија.

„Технометал Вардар“ е една од ретките која успеа да ги преживее промените. Оваа компанија преку својата фирма-ќерка во Франкфурт, „Технометал-ГМБХ“, веќе четири децении е присутна на германскиот пазар. Сопственикот Кочо Моцан за Дојче веле ја објаснува филозофијата на успехот:

„Како и сите Германци и ние, иако странци меѓутоа добро интегрирани, со големо чувство ги следевме промените во Германија. Во годините по обединувањето нашата работа по обем и физички постојано растеше, за сметка на другите македонски фирми кои беа ориентирани само кон Германската Демократска Република. Со промената на економската структура во цела Германија, практично дојде до огромни промени и реорганизација на стопанството, пред се‘ во источниот дел на земјата. Пазарот се отвори целосно и оние кои што имаа сигурни и етаблирани трговски контакти имаа можност да ја прошират својата работа“, вели Моцан.

Германија-најзначаен трговски партнер

Статистиката покажува дека изминативе две децении Германија е најзначаен трговски партнер на Македонија. Интересно е што трговијата по вредност е речиси непроменета. На пример во 1990 година 17,9% од вкупната трговска размена на Македонија била со Германија. Оттогаш па наваму тој процент благо варира, а во 2010 е малку помал, односно изнсува 14,3%. Мирјана Бошњак од Државниот завод за статистика за Дојче Веле објаснува:

Deutschland Bonn Telekom Hauptsitz mit Flagge Stellenabbau
Германскиот „Телеком“, еден од ретките директни инвеститори во МакедонијаФотографија: AP

„За целиот овој период Германија е најзначаен трговски партнер на Македонија. Македонија најмногу извезува текстилни производи, тутун, феросилициум, фероникел, железо, вино. Додека во увозот како стоки со најголема вредност се моторните возила, лекови, бела техника и друг вид на апарати“.

Отсуствуваат германски директни инвестиции во Македонија

Меѓутоа и 20 години по обединувањето, Германија соред нивото на странските директни инвестиции е многу малку присутна во Македонија. Освен „Дојче Телеком“, кој е сопственик на македонски телекомуникации, речиси и да нема некоја позначајна инвестиција. Соработката главно е базирана на поддршка преку проекти, обуки и пренесувања на бизнис искуства што датира уште од раните деведесети години, кога биле регистрирани повеќе посети на бизнис делегации меѓу двете земји, вели за Дојче веле, Љубица Нури од Стопанската комора на Македонија:

„Пораката од германските комори е дека германското стопанство ќе се врати во регионот кога тој ќе биде со единствена регулатива и ќе биде единствен пазар. Таа нивна определба не е само декларативна. Германската влада го поддржуваше и финансираше партнерскиот проект на асоцијацијата на балкански комори и унијата на германски комори кој траеше од 2001 до 2009 година. Оваа година започнавме нов проект финансиран од германската влада кој како ставка помина во буџетот во Бундестагот. Тоа зборува колкав е голем стратешкиот интерес за германската економија во регионот“, вели Нури.

Tischler in seinem Werkstatt
Германска помош за развојот на занаетчиствотоФотографија: Bilderbox

Соработка во областа на занаетчиството

Еден од конкретните примери на германска поддршка како резултат на интензивните контакти е соработката на Занаетчиската комора на Македонија, со Занаетчиската комора на Кобленц. Првиот човек на ова германско здружение кое веќе десет години е активно во Македонија, Вернер Витлих, за Дојче веле зборува за соработката

„Ние овде учествуваме во изработката на македонскиот закон за занаетчиство. Помагаме преку разни совети во развојот на занаетчиската комора на Македонија. Овдешните луѓе мора самите да знаат што е за нив добро. Мислам дека затоа системот на занаетчиски комори кој го имаме во Германија, е многу важен модел за Македонија. Во услови на висока невработеност во Македонија тој е многу важен пред се‘ за да им се даде шанса на младите луѓе преку солидна и квалитетната обука да станат способни да ја водат напред својата држава“, вели Витлих

Покрај занаетчиската комора Кобленц, во Македонија е присутна и ГТЗ, германската фондација за техничка соработка, како и Унијата на германски комори во која членуваат 140 фирми.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Жана Ацеска