1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шарон се заканува со еднострано демаркирање на "двете држави"

19 декември 2003
https://p.dw.com/p/AcRH
Германскиот министер за надворешни работи Јошка Фишер вчера им препорача на Израелците и Палестинците средба на највисоко ниво, на која би се надминале пречките за напредок на мировниот процес на Блискиот исток. По средбите со палестинскиот и израелскиот премиер Ахмед Кореи и Ариел Шарон, Фишер на угледната меѓународна конференција во Херцлија оцени дека Израел се наоѓа на политичка раскрсница, можеби најважната по основањето на државата во 1948. година.

Во говорот на истата конференција, израелскиот премиер Ариел Шарон, пак, рече дека и понатаму се чувствува обврзан кон мировниот план на Блискоисточниот квартет, но исто така се закани дека нема уште долго да чека. Доколку палестинската страна не ги исполни обврските, Израел ќе преземе еднострани чекори за раздвојување од автономните подрачја на Палестинците.

Станува збор за релативно краток говор на израелскиот премиер, кој кога би требало да се сведе на еден збор, тогаш тоа би било - раздвојување. Ариел Шарон е и понатаму за создавање две држави, во кои двата народа во мир ќе живеат еден покрај друг. Но, тоа бара јасни чекори на Палестинците:

"Палестинците мораат да ги искоренат тероризмот и да создадат општество што ќе го почитува законот и ќе се бори против омразата и насилството. Мир и тероризам на одат заедно."

Но, доколкуи Палестинците во догледно време не ги исполнат обврските од мировниот план, тогаш Израел ќе преземе еднострани чекори, меѓу кои спаѓа забрзаното градење на sидот, како и други пречки. Во тој план спаѓа и намалување на бројот израелски населби на автономните подрачја, за да се намали бројот Израелци, кои живеат во палестинско опкружување:

"Намалувањето на напнатоста бара од нас неверојатно тешки чекори. Повторувам: Израел нема да може да остане на секаде, каде што е денес присутен."

Но, за надомест на повлекувањето од некои делови, Израел ќе анектира други подрачја од палестинските автономни област, додаде Шарон очигледно мислејќи на големите населби околу Ерусалим, како и големата населба Ариел на Западниот брег.

Ваквите планови од говорот на премиер наидоа на поделени реакции во израелската јавност. Претставници на радикалните партии манифестираа разочарување. Најавите на Шарон за расформирање на дел од еврејските населби на палестинските подрачја се неприфатливи и можат да ја загрозат владината коалиција. СОпартијците на Шарон манифестираа задоволство. Министерката Тсипи Ливни нагласи дека демографскиот развој работи против Израел и затоа во крајна линија ќе мора да се спроведе раздвојување од палестинските територии.

Шефот на опозиционата Лабуристичка партија, Шимон Перес пак оцени:

"Шарон не дава никакви термини и конкретни податоци, ова се сето општи изјави. Според моето мислење се наоѓаме пред многу тешки времиња, нашата позиција е денес полоша од онаа пред три години и ако продолжи така сметам дека за половина година ќе биде уште полошо!"