1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

210509 Nachbericht UEFA Cup Finale

21 мај 2009

Бремен најпрвин прими еден гол, потоа израмни, за во продолжението да изгуби со 1:2. За Украина ова е прв освоен пехар од осамостојувањето.

https://p.dw.com/p/Hui8
Фудбалерите на Шахтјор не можеа да ја скријат радостаФотографија: picture-alliance/ dpa

Премногу бавна, мирна и неинвентивна - вака може да се опише играта на Вердер Бремен во вчерашното финале од Купот на УЕФА против Шахтјор Доњецк во Истанбул. Тренерот Томас Шаф беше разочаран од преголемиот број грешки што ги виде кај својот тим.

„Грешките беа во структурата. Не игравме толку сигурно и не комбиниравме онака како што претпоставувавме. Сакавме повеќе да играме во средината и ефективно да им додаваме на стрелците. Но, не успеавме во тоа“, изјави тренерот Шаф.

Се забележа отсуството на неколку играчи

Fußball UEFA Pokal
Недостасуваше свежина - смета тренерот на Бремен, Томас ШафФотографија: picture-alliance/ dpa

Уште од самиот почеток беше јасно дека ќе биде тешко без Диего и главниот на одбраната, Пер Мартезакер. Доњецк поведе преку голот на Луис Адриано во 25-та минута, но десет минути подоцна, по слободниот удар на Налдо и грешката на украинскиот голман Пјатов, Вердер израмни на 1:1. Овој резултат се задржа до крајот на регуларните деведесет минути. Во продолжението Жадсон уште еднаш ја затресе мрежата на германскиот тим за голем триумф на Украинците.

За разлика од нив, Бремен си замина поразен. На тимот на Томас Шаф му недостасуваа многу работи, што обично можат да се видат во „подобрите денови“. Иако тренерот Шаф не сакаше да признае, сепак отсуството на Диего од теренот можеше да се почувствува.

„Да, секако дека ни` недостасуваа неколку играчи, но некогаш и тоа се случува. Во принцип, не е ни важно. Можевме и без тоа подобро да одиграме. Ни` недостасуваше свежина“, заклучи Шаф.

Од следната година - нови правила

UEFA Cup Pokal Logo
Купот на УЕФА од следната година со ново име - Европска лигаФотографија: picture-alliance/dpa

И спортскиот директор, Клаус Алофс, не крие дека очекувал повеќе:

„Да, разочарани сме. Дојдовме со големи надежи. Сметам дека ако бевме комплетни, ќе го победевме противникот. Но, нашиот тим е се` уште млад, тим кој може да се развива и сигурно ќе има уште многу шанси“, изјави Алофс.

Можеби следната шанса е на триесетти мај, кога Бремен ќе настапи во финалето на Бундеслигата против Бајер Леверкузен.

Инаку, финалето меѓу Бремен и Доњецк беше последното во историјата на УЕФА купот. По 38 години, од следната сезона системот на натпревари ќе претрпи мали измени и ќе добие ново име, Европска лига.

Автор: Андреас Цимерс / Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска