1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шацимаркакис: „Македонски“ на латиница за јазикот и идентитетот

29 април 2010

Германскиот европратеник Јоргос Шацимаркакис, повикувајќи се на свои извори во Њујорк, вели дека новиот предлог најверојатно ќе биде „македонски“ испишано на латинца за именување на македонскиот идентитет и јазикот.

https://p.dw.com/p/N9PU
Јоргос ШацимаркакисФотографија: Petr Stojanovski

„Македонски“ испишано на латиница најверојатно ќе биде предлогот на ОН во наредниот период, тврди германскиот европратеник, Јоргос Шацимаркакис. Тој вели дека оваа информација ја темели на многу релевантни извори во Њујорк. Истовремено, тој го повикува премиерот Никола Груевски да не размислува за следните избори туку за иднината на земјата. „Целосно ја разбирам чувствителноста на прашањето за идентитетот, нацијата и јазикот. Мислам дека ние Европејците треба да ја разбереме оваа чувствителност и да помогнеме секаде каде што можеме. Треба да имаме јасна декларација за името на нацијата и јазикот, тие да бидат ’македонски’, што за мене е прифатливо, а е и за сите, вклучително и за јужниот сосед. Што се однесува до пораката на Груевски да се гласа ’не’ на референдумот за името, само можам да кажам дека можеби така ќе ги добие претстојните избори, но ќе ја пропушти шансата да стане национален херој.“

Шацимаркакис го повикува и неговиот како што вели „личен пријател“, Антонио Милошоски да ја преиспита одлуката за „македонско претседателство“ во Советот на Европа. Наместо ова, македонските лидери сега треба да се фокусираат на изнаоѓање решение за идентитетот.

На прашањето зошто „македонски“ испишано на латиница е најдоброто решение, германскиот европратеник одговара: „Македонски е полесно за сите, тоа е познатиот термин кој луѓето го препознаваат, со кој пораснале и кој ќе го прифатат, тоа е најдоброто што можеме да го вметнеме во меѓународното право преку резолуција на Советот за безбедност на ОН.“

Шацимаркакис ги повикува македонските власти да го прифатат ова решение и да потпишат што поскоро, затоа што идната грчка влада би можела да биде многу потврда и да понуди многу полоша варијанта за јазикот и идентитетот на Република Македонија.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Александра Трајковска