1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Швајцарија става многу на коцка

Бернд Ригерт Превод: А.Трајковска10 февруари 2014

Со тесно мнозинство Швајцарците се изјаснија за крај за слободното доселување на граѓаните на ЕУ. Грешка со последици за Швајцарија и за Европа, смета Бернд Ригерт во својот коментар.

https://p.dw.com/p/1B64H
Фотографија: picture-alliance/dpa

Швајцарците сакаат да се изолираат и да го укинат слободниот проток на луѓе, кој со некои ограничувања важи за сите граѓани на ЕУ. Па, нека го сторат тоа! Самите ќе увидат, што ќе им донесе тоа, би можело да се каже од агол на Европската унија во Брисел. Меѓутоа тоа би било премногу кратковидо, оти не само Швајцарија ќе ги почувствува последиците, туку и на Европската унија ѝ се заканува повторно разгорување на дебатата за слободен избор на работното и местото за живеење. Темата би можела дури да стане еден од одлучувачките елементи на престојните избори за Европскиот парламент на крајот на мај.

Иако швајцарските стопански сојузи како и сите партии со исклучок на деснопопулистичката Швајцарска народна партија беа против нови правил за доселувањето, швајцарските избирачи ги следеа изолационистите. Чувството, да бидат оттуѓени, да ја загубат сопствената култура, даде потпора за тоа. Рационални причини не би можело да бидат причината, оти Швајцарија профитираше од доселувањето на квалификувани работници од Европската унија. Впрочем еден милион граѓани на ЕУ живеат во Швајцарија што е една осмина од населението. Годишно се доселуваа околу 80.000 доселеници, кои плаќаат даноци во Швајцарија и речиси воопшто не го оптоваруваа социјалниот систем на државата. Сепак во последните години опадна расположението против слободниот проток на луѓе, поттикнато од Народанта партија, која сепак е и најголемата фракција во националниот парламент.

Швајцарско самоволие

Во Брисел во централата на ЕУ владее неразбирање за швајцарското своеволие. Демократската одлука на граѓаните ќе се почитува, се вели со половина уста. Големиот број билатерални договори, кои ги поврзуваат Европската унија и Швајцарија се под знак прашање. Сега ќе зависи од тоа дали и како швајцарската сојузна влада одново ќе ги уреди договорите за слободно движење на лица со ЕУ. Во меѓувреме речиси целосната интеграција на Швајцарија во европскиот внатрешен пазар запаѓа во опасност. Швајцарците очигледно така сакаа, иако ЕУ е најголемиот трговски партнер на Швајцарија и исто така 480.000 Швајцарци живеат во ЕУ. За швајцарските граѓани во иднина исто така нема повеќе да важи правилото за слободна размена на лица. Иницијативата која ја одобрија Швајцарците на владата и на сојузниот совет им остава уште малку простор. Конкретни квоти за доселување не се пропишани. Комисијата на ЕУ во Брисел смета на долги преговоир.

Товар за европските избори

Сега постои опасност, навистина да се разгоре дискусијата внатре во ЕУ за доселување, странци и слободна размена на лица. Она што го прават Швајцарците всушност го планира и евроскептичниот премиер на Велика Британија Дејвид Камерон. Тој сака да го ограничи доселувањето од новите ЕУ земји членки во неговата земја и гласно бара реформи од ЕУ. Исто така и баварската ЦСУ, барем потајно, може да се радува за изходот од швајцарскиот референдум. Таа испорачува аргументи за борбата против т.н. доселување од сиромаштија од Романија и Бугарија. За деснопопулистичките партии во цела Европа, дали Мари ле Пен во Франција или Герт Вилдерс во Холандија, швајцарската одлука е добредојдена храна за европската изборната кампања, која почнува. Она што го прави богатата Швајцарија, неможе да биде толку лошо, ќе аргументираат тие.

Ако се посегне по слободниот избор на место за работа и живеење на сите граѓани во рамките на ЕУ, тогаш ќе се посегне по еден од централните столбови на целото европско обединување. Тоа не смее да се случи, општествените и економските последици би биле катастрофални. Изолацијата, разграничувањето, национални самотници во Европа всушности тие повеќе не треба да имаат шанса.

ЕУ на престојните преговори со Швајцарија би требала да остане консеквентна. Ако нема слобода на движењето за лица, тогаш не смее да има слободна размена ниту за стока и капитал. Со парите на богатите Европејци швајцарските банки сакаат да управуваат, но луѓето да останат надвор.Тоа не оди во никој случај.