1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Швајцарка силувана во Индија пред својот маж

Александар Методијев/дпа/афп16 март 2013

Швајцарска туристка била групно силувана во рурална област во централниот дел од Индија, информираше денеска индиската полиција. Швајцарката е последна жртва на сексуално насилство врз жена во Индија.

https://p.dw.com/p/17yt9
Фотографија: picture-alliance/dpa

Жената била на обиколка со нејзиниот маж во сиромашната индиска сојузна држава Мадја Прадеш. Таму двојката вчеравечер била нападната од седум до осум мажи, кои ја силувале жената и го ограбиле брачниот пар, земајќи му околу 185 евра и мобилниот телефон на жената.

Силувањето врз 39-годишната швајцарска туристка се случило во село, каде двојката патувајќи со велосипед запрела за да преноќи. Тие биле нападнати со дрвени стапови, претепани, сопругот бил соборен и врзан, а жената била силувана во негово присуство. Жената била примена во болница во соседниот град Гвалиор, каде и’ биле направени испитувања и било потврдено дека е жртва на силување.

Индиската полиција информираше дека осум лица се приведени на информативен разговор, бидејќи постојат сомневања дека се поврзани со инцидентот. Сепак, полицијата и натаму трага по напаѓачите.

Во 2003 година 36-годишна жена, швајцарски дипломат, беше киднапирана на паркинг на популарниот Њу Делхи аудиторум, однесена од двајца мажи и силувана. Таа подоцна беше ослободена, а никој не одговараше за тој напад.

Зголемениот број на силувања во Индија претставува загрижувачки проблем. За него почна погласно да се зборува откако 23-годишна девојка во декември минатата година беше групно силувана во автобус во индискиот главен град. Според податоците од индиската влада, во 2011 година се регистрирани вкупно 24.206 случаи на силувања. Бројките за 2012 година се’ уште не се објавени.