1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Швајцарското „да„ за Шенген има само прагматична цел

6 јуни 2005

Парадокс или не, но Швајцарците на вчерашниот референдум, во моменти кога Европската унија се наоѓа во големи тешкотии, гласаа за влегување на нивната земја во безбедносниот и во договорот за азил на Европската унија. Што пак не е доказ дека Швајцарците се симпатизери на Европската унија, смета коментаторот Јоахим Шуберт – Анкенбауер:

https://p.dw.com/p/AcEw

Човек може да праша што се случи одеднаш со Швајцарците? Таман Европската унија доби две жестоки шлаканици во Франција и Холандија од што се чини, се ниша целата градба, кога токму Швајцарците велат „да„ за еден договор на Европската унија. Дали одеднаш мутираа во симпатизери на Унијата? Или го подготвуваат патот во насока на Брисел?

Одговорот јасно и гласно е: не! Швајцарцте и натаму имаат критички став кон ЕУ, членството и натаму е далеку. Во швајцарската политика има малку некој што отворено навива за членство во ЕУ. Преголем е стравот да не се загубат гласачите на десно-конзервативната Народна партија која за оваа тема одмана има чист став. Таа профитира од зголемената несигурност кај голем број граѓани кои, со оглед на глобализацијата и со оглед на можноста ЕУ да стане уште поголема, порадо сакаат да останат меѓу себе. Значи, согласноста со Шенген и даблин не е во полза на ЕУ, туку сосема прагматично решение за мобилност и сигурност. Одобрувањето на Шенген и Даблин е повеќе „да„ за статус кво во кое Швајцарија во однос на Унијата многу добро се позиционира – со наднаслов „билатерални договори„. Овој пат го следи сознанието дека Швајцарија со своите европски соседи е поврзана на многу начини и затоа за многу прашања постои потреба од регулатива. Тоа ќе се случи со билатерални договори кои се внимателно дефинирана дистанца кон Унијата.

Додека Французите или Холанѓаните го имаа на маса целото мени и го вратија во кујната, Швајцарците го зедоа само она што им одговара. Тоа функционира се додека билатералните договори ги решаваат проблемите на задоволителен начин и се додека обете страни гледаат добивка. Но, колку ќе функционира ќе се покаже веќе во септември. Имено тогаш Швајцарците ќе гласаат дали слободата на патувањето ќе ја прошират и врз новите земји-членки на Унијата. Значи, дали и на еден Полјак, Летонец или Унгарец ќе му дозволат пристап кон нивниот пазар за работа како што е тоа договорено за Германците, Французите или Италијанците. За ова прашање меѓутоа, се води битка и сосема е можно Шавјацарците да му останат верни на своето клише на одбивање. И без оглед дали станува збор за „да„ или „не„, секогаш на прво место е Швајцарија, што е сосема легитимно. Европејците ќе мораат да бараат други патерици за да си ја повратат самодовербата, но не кај Швајцарците.

Јоахим Шуберт-Анкенбауер