1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Швајцарците не сакаат повеќе одмор?!

11 март 2012

Во Швајцарија денеска (11.03) се одржува референдум за должината на годишниот одмор-иницијатива законскиот одмор од 4 да биде продолжен на 6 недели. Според анкетите-можен неуспех на референдумот.

https://p.dw.com/p/14Iuu
Фотографија: Creative Commons/ miamism

Швајцарците повторно излегуваат на референдум, меѓу другото да се изјаснат и за таканаречената „Иницијатива за годишен одмор“. Синдикатите бараат шест, наместо сегашните четири недели одмор. Нивното образложение гласи - работниците се под стрес, се‘ почесто се на боледување и здравствениот систем годишно се оптоварува со десет милијарди франци. Мартин Флигел, синдикален функционер, нагласува: „Шест недели одмор се важен чекор кон поздрава работна средина“.

Законски се дозволени четири недели одмор, во некои фирми се добиваат и пет недели. Голем дел од работниците би сакале да имаат и шест недели одмор, но стопанството протестира. Најмногу од сите се бунтува првиот човек на работодавачите Валентин Фогт. Тој подвлекува дека иницијативата придонесува за ослабување на економската сила на Швајцарија, пред се‘ на малите и средни претпријатија.

Шест недели одмор го чинат стопанството шест милијарди франци

Работодавачите имаат поддршка од Швајцарската народна партија. Пратеникот од оваа партија Алфред Хеер вели дека „шест недели одмор генерално за сите е претерано барање“. „Не сакаме грчки прилики во Швајцарија“, нагласува Хеер. Пратеникот на конзервативната партија додава: „Најголемиот дел од фирмите затвораат две недели за време на Божик и Нова година, потоа доаѓа Велигден, па многу други празници и ако на сето тоа се додадат и шест недели годишен одмор, тогаш веќе никој нема да работи.“

Symbolbild Schweiz
„Не сакаме грчки прилики во Швајцарија“, нагласува ХеерФотографија: Schlierner/Fotolia

Но не сите партии, па дури и не сите стопанственици размислуваат така. Штефен Томаси, раководител во една мала печатница недалеку од Цирих, за своите вработени веќе има воведено шест недели одмор и тука гледа предности. Вработените имаат „многу, многу голем елан за работа“, сакаат да ја преземат врз себе работата на колегите кои не се на работа. „Даваат повеќе од себе и подготвени се да работат и подолго, без тоа да се бара од нив. Тоа го прават самостојно“, вели Томаси.

Но работниците немаат единствен став околу должината на одморот. Истражувачот Клод Лонгшампс од институтот ГфС од Берн вели дека повеќе одмор звучи добро, зашто е праведен и носи индивидуални предности, но... „Има многу луѓе кои велат: ’Всушност не сакам подолг одмор, туку повеќе би сакал да одам порано во пензија, или би сакал да работам четири дена во неделата’. Така и во редовите на оние што се принципиелно застапници на наградувањето на работниците има и противници на иницијативата за годишен одмор.“

Bahnhofstraße in Zürich Flash-Galerie
Не сите Швајцарци сакаат подолг одморФотографија: AP

Што велат анкетите?

Лонгшампс вели дека сите анкети кои се направени пред една година, значи пред да се води дебата околу франкот во Швајцарија, говорат за јасно ДА. „Сите анкети што се направени подоцна говорат за НЕ“, дополнува тој. Чувствата и размислувањата на работниците се поделени. „Кај пензионерите и домаќинките пак, владее мислењето: ’Ах, тоа не е неопходно’“, објаснува истражувачот. „Генерално погледнато, се смета дека Швајцарците се особено народче и не си дозволуваат себе си подолг одмор.“

Автор: Ханс-Јирген Маурус / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска