1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шведската политика за мигранти паѓа на испит

К.О. Рихтер/ Ж.Ацеска11 јуни 2013

Во Шведска со недели траеше дивеењето на пред се‘ млади невработени луѓе во сиромашните квартови на престолнината Стокхолм, но и во други градови. Последица на промашената политика, сметаат некои експерти.

https://p.dw.com/p/18kuV
Фотографија: DW/R. Häussler

Кога Дамон Расти ги гледа сликите од неодамнешните нереди, истовремено е лут и тажен. 33-годишниот автор потекнува од Иран, а пораснал во Хасби. Сега гледа како гори местото на неговото детство. Нему му е јасно зошто мораше да дојде до нереди:

„Всушност, не се работи за тоа дали луѓето таму се доселеници или не. Постојат доселеници кои живеат во скапите квартови на Стокхолм. Се работи за тоа на која општествена класа и‘ припаѓаш. Кој добива шанси, а кој не. Доселениците не се проблем, туку класните размислувања“.

А, класните сфаќања, вели тој, оградувањето од другите, затворањето меѓу свои, тоа во Шведска минатите години стана правило.

Во петок доцна вечерта полицијата запира група десни радикали. Тие биле во Мелерхиден, предградие во Стокхолм, во потрага по хулигани, како што велат. Полицајците приведуваат 22 неонацисти на сослушување. Значи, уште една група која во доселеничката земја Шведска се залага за поделби!

Сепак, за споредба во и околу шведскиот главен град останува мирно. Затоа, пак, дојде до насилство во останатите градови. Во Еребо, 200 километри западно од Стокхолм, хулиганите запалија повеќе возила. Во Упсала беше предизвикан пожар во училиште. Хасби е местото од каде почнаа најновите безредија. Квена Соруко од доселеничка организација „Мегафони“ живее овде, за неа и семејството запуштените куќи се нешто како татковина. Иако, таа не ја чувствува Шведска вистински како татковина.

Unruhen in Schweden Stockholmer Vorort Husby Quena Soruco
Квена СорукоФотографија: DW/R. Häussler

„Се разбира, ние сме дел од шведското општество, но во секојдевието многумина доживуваат друго, се чувствуваат обесправени и неприфатени. Така е овде во Хасби, но и во останатите квартови, во кои нашата политика на доселување уште одамна не функционира“.

Затоа што во Шведска парите за образование, за социјални проекти како оваа граѓанска организација за самопомош, минатите години се укинати. Затоа што всушност политичарите дигнаа раце од Хасби и другите т.н. проблематични населби.

„Погледнете го на пример училиштето. Половината од основците кај нас во Хасби не успеваат да стигнат до гимназија. Просекот на успех е меѓу најлошите во цела Шведска. Во секоја друга општина локалните политичари би се потрудиле брзо тоа да го променат, би направиле се‘ што можат, но овде им е сеедно“, истакнува Квена.

Затоа и не зачудува, што многумина од оние кои со ноќи дивееја, се без работа. Секој четврт млад во Хасби е невработен. А, сопствените примања се клучот за функционална миграциска политика, истакнува социологот и криминолог од Универзитетот Стокхолм Јержи Сарнецки:

„Пред се‘, воопшто не функционира нашата политика на пазарот на труд за доселениците. Тоа мора да не‘ алармира, зашто познато ни е - во едно модерно општество работата е клуч за се‘ друго“.

Дамон Расти во меѓувреме живее во стокхолмскиот елитен центар, успеа да се оттргне од безнадежните предградија. Но, тој постојано ги посетува старите пријатели во Хасби. Дури и во деновите кога ноќе горат автомобили:

„Кога растев во Хасби, на крајот на 80-те, таму уште владееше позитивен дух, сите бевме избегани пред војната, од бедата и дојдовме во оваа земја, каде ни беа дадени големи ветувања и можевме да сонуваме. Сега кога возам во Хасби, на улиците доживувам претежно депресија“, вели Расти.

Квена Соруко не сака да се откаже. Таа доживеала низа непријатни искуства, често се чувствува оставена сама на себе од властите. Но, можеби нередите се нешто како аларм, за некогаш и таа да ја почувствува Шведска како вистинска татковина.