1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шврговски: Имаме солидни докази дека уапсените се поврзани со петкратното убиство

ЕМФ/миа15 мај 2012

Македонскиот јавен обвинител Љупчо Шврговски денеска изјави дека Обвинителството поседува солидни докази, кои укажуваат дека уапсените во акцијата „Монструм“ се вистинските извршители и помагачи на петкратното убиство.

https://p.dw.com/p/14vsl
Љупчо Шврговски, Државен јавен обвинителФотографија: Petr Stojanovski

Шврговски не открива детали од истрагата за убиството кај Смиљковци, кое се води како тероризам, но потврдува дека се користеле посебни истражни мерки.

„Има и посебни истражни мерки во делот на прислушувањето. Тие се легитимни, дадена е наредба на истражен судија во законска процедура. Нормално дека тие аудио записи ни помагаат во водење на истрагата и градење на нашата теза, дека за лицата што ги обвинуваме, врз основа на доказите со кои располагаме, постои висок степен на сомнение дека тие се лицата кои го извршиле или помогнале во кривичното дело“, изјави обвинителот Шврговски по седницата на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, на која беа избрани тројца нови јавни обвинители за гонење организиран криминал и корупција.

Тој истакна дека работата околу истрагата треба да се води во институциите, додавајќи оти не ги поддржува протестите: „Не поддржувам протести затоа што ние кога сме ја презеле одговорноста да поведеме постапка против одредени лица, секако дека таа постапка ја темелиме на сигурни докази кои даваат висок степен на сомнение дека се тоа лица кои ги поврзуваме со настанот што се случи на Смиљковското Езеро“, изјави Шврговски.