1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шврговски: Обвинителството не е независен орган!

Катерина Блажевска20 март 2015

Обвинителството е истурен дел на извршната власт и не е независен орган, одговара поранешниот државен јавен обвинител, Љупчо Шврговски, по наводите од „бомбата“ за спрега меѓу лица од извршната власт и правосудството

https://p.dw.com/p/1EuKA
Staatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/Katerina Blazevska

Спроведувале партиски избор на судии и обвинители, нарачувале судски одлуки, ги евидентирале судиите во министерско „тефтерче“ и целосно го урнале функционирањето на правниот систем и правната државата, обвини вчера лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Одговорноста за сето тоа ја посочи на неколку адреси: „Никола Груевски, Сашо Мијалков и Гордана Јанкулоска е тројката што го контролирала судскиот систем во Македонија, во соработка со функционери од ДУИ- поранешниот министер за правда Блерим Беџети и вицепремиерот Муса Џафери“.

Судии со кои разговараше Дојче веле, велат дека „не се изненадени“ од содржината на презентираните разговори, бидејќи за дел од нив одамна се „шушкало“ а други веќе станале „јавна тајна“. Лицата, пак кои се инволвирани во разговорите, со свои аргументи ги бранат мотивите за нивните постапки.

Обвинителството не е трета власт!

Поранешниот државен јавен обвинител, Љупчо Шврговски, не го негира разговорот, во кој, тој бара од Јанкулоска да интервенира кај министерот за правда Блерим Беџети, со цел синот на претседателката на Апалацискиот суд, Љупка Арсениевска, да биде избран за обвинител.

Ljupco Svrgovski Staatsanwalt Mazedonien
Љупчо ШврговскиФотографија: Petr Stojanovski

„Политиката во однос на тоа кој ќе биде обвинител во основните, во вишите обвинителства и во државното јавно обвинителство, ја протежира Јавниот обвинител на Република Македонија и тој својот предлог го дава пред Советот на јавни обвинители. Можете да проверите, дали има еден стручен соработник во обвинителството кој не би избран за обвинител во мојот мандат. Дури откако бил исполнет тој капацитет со внатрешни кадри, сум протежирал кадри 'од надвор', од адвокатурата на пример, како што беше случајот со синот на претседателката на Апелацискиот суд“, вели Шврговски.

Запрашан - зошто за посочениот случај интервенирал преку министерката за внатрешни работи, ако како обвинител можел и сам да протежира одреден кадровски избор, тој одговара дека соработкатата на Обвинителството со извршната власт е сосема легитимна.

„Во јавноста постои непознавање на уставната позиција на Обвинителството. Јавното обвинителство е самостоен и единствен орган, но не е независен. Владата го дава предлогот за избор на државен јавен обвинител, а го именува и го разрешува Собранието. Ние сме истурен дел на извршната власт. Од тој аспект, соработката на обвинителството со извршната власт е легитимна. Уставната позиција ни го дава тој, условно речено, 'ексклузивитет'. Во судството, пак, тоа е невозможно, бидејќи судството е независна, трета власт. Обвинителството не е. Во тоа е разликата“, вели Шврговски.

Во Уставот, Јавното обвинителство е дефинирано како „единствен и самостоен државен орган“... „Јавниот обвинител ужива имунитет. За неговиот имунитет одлучува Собранието. Функцијата јавен обвинител е неспоива со вршење на друга јавна функција и професија или со членување во политичка партија“.

Во духот на традицијата

Дел извори во судството, „случајот со синот“ на Арсениевска го објаснуваат со мотивите на „традицијата“. Како што објаснуваат, свекорот на Арсениевска своевремено бил јавен обвинител на скопското обвинителство. Нејзиниот син сакал да ја продолжи традицијата на својот дедо и професионалната наобразба ја насочил во таа насока.

„Да не беше син на претседателката на Апелацискиот суд, сигурно полесно ќе беше избран за обвинител“, тврдат овие извори. Но, сите не се согласуваат со ваквата аргументација.

Blerim Bexheti
Блерим БеџетиФотографија: Fatos Musliu

Токму тој случај бил повод и за неколку разговори меѓу тогашниот министер за правда, Блерим Беџети и вицепремиерот Муса Џафери. Со оглед дека местото било „резервирано за ДУИ“, Јанкулоска наводно бара од Беџети да им го отстапат, со ветување: „Следниот пат ќе ви го искомпензираме“.

Беџети вели дека не може да се сети на посочените разговори со Јанкулоска и Џафери.

„Дали вие би се сеќавале на некои разговори, не знам од кога, можеби од пред три или четири години? Јас не се сеќавам што сум разговарал и со кого се сум разговарал додека бев министер за правда. Но, она што сигурно го знам, е дека отсекогаш се залагавме за почитување на уставните начела за правична застапеност на Албанците и во тој процес имаше значителен напредок, иако се уште не сме задоволни од постигнатото. Во судството таа застапеност беше од 16 до 18 отсто. Сега е нешто помала и варира во зависност од бројот на пензионирања и други процеси“, вели Беџети.

Запрашан за посочените пазарења и „компензирања“ со партиски поделени места во судството и обвинителството, Беџети вели: „Немало пазарења. Ќе повторам, сите активности биле во насока генерално да се зголеми процентот на застапеност на Албанците, меѓудругото и во судството.

Ниту сум имал притисоци, ниту сум човек што работи под притисок“.

Без коментар

Лидерот на СДСМ, кој вчера го опиша Сашо Мијалков како 'капо ди тути капи' во судството, презентираше два одвоени разговори во кои директорот на УБК, наводно известува две лица - Софија Лаличиќ и Светлана Костовска, дека „ја средил работата“ да бидат избрани за судии.

NO FLASH Nikola Gruevski und Mihajlo Manevski
Никола Груевски и Михајло МаневскиФотографија: DW

„Не коментирам“, рече Лаличиќ. На прашањето што било пресудно за нејзиниот избор - стручната и професионална подготовка или наводни партиски интервенции, таа повтори: „Не коментирам и не знам дали јас можам да коментирам, бидејќи судот има официјален портпарол. Моите професионални параметри и резултати се мерливи и за нив секој може да се информира во судот“.

Недостапна за коментар беше Филимена Маневска, која во наводен разговор со Влатко Мијалков, брат на директорот на УБК, за одреден совет му препорачува да се јави директно кај претседателката на Апелацискиот суд, Љупка Арсениевска, со зборовите: „Таа ептен наша е“. Нејзиниот сопруг Михајло Маневски, поранешен министер за правда, чиј глас исто така се појави во аудио-снимки поврзани со наводни интервенции во судски избори и одлуки, одби да зборува за содржините на разговорите поврзани со состојбите во судството.

„Не коментирам глупости“, рече тој.