1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

120809 Genfer Konventionen IKRK

12 август 2009

Женевските конвенции се правила за заштита на ранетите и заробени војници и цивили во време на војни. Тие се основата за работењето на Црвениот крст и денеска се одбележуваат 60 години од нивното донесување.

https://p.dw.com/p/J87p
Седиштето на Црвениот крст во ЖеневаФотографија: dpa

Женевските конвенции се така да се рече - р‘бетен столб на хуманитарното меѓународно право. Тие, во случај на војна и непријателства, би требало да постават граница и да ги заштитат пред се‘ цивилите. И по 60 години од донесувањето, Женевските конвенции немаат загубено на релевантност, вели Филип Шпери, директор за меѓународно право во Меѓународниот комитет на Црвениот крст.

Почитувањето на Женевските конвенции во вооружени конфликти денес е, во најголем дел, правило: „Но, постојат толку многу повреди, што и натаму спроведувањето на конвенциите останува голем предизвик. Почитувањето е правило и се разбира не се известува кога нешто функционира, туку само при прекршувања. Кога станува збор за тешки прекршувања, известувањето за тоа е важно. Но, без конвенциите реалноста би била уште полоша.“

Државите потписнички со конвенциите се обврзуваат на посебна заштита на ранетите, болните и изнемоштените, како и медицинскиот персонал, амбулантите и болниците. Освен тоа, во нив има и детални правила за односот кон воените заробеници. Конвенциите се надополнети со Дополнителни протоколи од 1977 и 2005 година. И договорите од Отава и Осло за забрана на нагазни мини и распрскувачка муниција се засноваат врз Женевските конвенции и ги надополнуваат.

Во конвенциите се утврдени и критериумите за дејствување на Меѓународниот комитет на Црвениот крст. Тие, на пример, на Црвениот крст му овозможуваат посета на заробеници или организирање хуманитарни акции. Освен тоа, со конвенциите Црвениот крст добива и задача за повторно поврзувањен на разделените семејства.

Се размислува за преработка на конвенциите

Bildergalerie 150 Jahre Rotes Kreuz Henri Dunant 1
Анри ДунанФотографија: ullstein bild - Roger Viollet

Женевските конвенции имаат корен во 19. век, односно од битката кај Солферино, во северна Италија. Оваа битка за очевидецот Анри Дунан од Швајцарија била поттик за основање на Црвениот крст. Но, од Солферино до денес воените конфликти се многу променети, вели портпаролот на Црвениот крст, Флорија Вестфал: „Во Солферино имаше 40.000 загинати и ранети војници и само еден загинат цивил. Тоа во сегашните војни е сосема изменето. Во денешните конфликти се погодени главно цивили и тоа ја направи нашата работа многу покомплексна.“

Меѓународниот комитет на Црвениот крст размислува за преработка на Женевските конвенции. Некои членови од нив би требало да се прилагодат на актуелните услови и да се конкретизираат. Но, тоа се‘ уште е само „музика на иднината“.

Автор: Паскал Лехлер / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска