1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шест и пол милиони фалсификувани евра

Дирк Кауфман / Темјана Поповска11 ноември 2012

Од следната година, Европската централна банка ќе пушти во оптек нови евро-банкноти. Причината не е од економска природа. Станува збор за борба со фалсификаторите, како и за подобра заштита од копирање на банкнотите.

https://p.dw.com/p/16grB
Фотографија: dapd

Пред десет години, кога се воведуваше еврото, се зборуваше дека неговите апоени се речиси најсигурни од фалсификување. Но, како поминува времето, фалсификувани банкноти има низ цела Европа. Тие стигнаа до паричниците на голем број граѓани, кои самите не се свесни дека своите сметки ги плаќаат со безвредни хартии – поради што можат да одат и во затвор.

Volle Geldbörse Griff in den Geldbeutel
Промените во заштитата на банкнотите од фалсификување ќе започнат со оние од пет евраФотографија: picture-alliance/dpa

Полициските проценки велат дека во оптек има банкноти со вкупна теоретска вредност од околу 6,5 милиони евра. Хелмут Шефер, од Покраинската канцеларија за борба против криминалот во Баварија, вели дека се чини оти тоа е голема вредност. Но, ако се сетиме дека во оптек има стотинци милијарди вистински евра, тогаш овој износ е речиси безначаен и едвај има некаков ефект на европската економија.

Шефер не е ни задолжен за стабилноста на еврото, туку за тоа секој граѓанин, кога ќе ја добие банкнотата во рака, да биде сигурен дека таа е „вистинска“. Тоа е и смислата на емисија на новите банкноти од заедничката валута - да им се отежни животот на криминалците. И онака банкнотите постојано се „вртат“ низ Европа (тоа може да се види и преку „тајните“ ознаки каде е печатена банкнотата), а националните банки постојано ги уништуваат старите и дотрајани банкноти, а на комерцијалните банки им доставуваат „свежи“ пари. Од следната година тие ќе имаат подобри безбедносни обележја, а замената ќе почне со банкнотите од 5 евра и ќе трае неколку години, додека не биде заменет поголем дел од парите.

„Се’ може да се фалсификува“

За безбедносните обележја големо познавање има графичарот од Келн Ханс-Јирген Кул. Со фалсификување на банкноти тој самиот го има прекршено законот, заради што е осуден на шест години затвор. Всушност, тој веќе и не се занимава со фалсификување, но не е импресиониран од безбедносните мерки кои ги поседуваат сегашните банкноти.

Hans-Jürgen Kuhl
Ханс- Јирген Кул, графичар и фалсификаторФотографија: picture-alliance/dpa

„На предната страна има ознака од Европската централна банка, која е само малку испакната. Со мало внимание, таа може да се почувствува под прстите. За само делумно способен графичар - тоа не е никаков проблем“.

Инаку, Кул се има „прославено“ не со неговите фалсификати на евра, туку на американските долари. Неговите „изработки“ се сметаат за најдобари кога било појавени фалсификати на американската валута. Затоа, по ослободувањето, полицијата го консултираше за т.н. банкноти „супер евра“, врвни фалсификати кои се појавиле од истокот на Европа. Но, неговото искусно око не го импресионирала умешноста на тие криминалци. Според неговото мислење, на крај сите фалсификатори ја прават истата грешка: „Најголем проблем за фалсификаторите е водениот жиг и холограмот“.

Новите евро банкноти ќе бидат уште потешки за фалсификување, но германскиот полицаец задолжен за фалсификатите, знае дека се е само прашање на време. „Никогаш нема да се појават банкноти кои нема да можат да се фалсификуваат“, признава Шефер. Но, барем некое време неговата работа ќе биде олеснета: на криминалците им треба подолго време да ги отркријат сите детали на заштитата, па вообичаено првите фалсификати се многу лесни за откривање.

Фалсификаторите не се „интелектуалци“

Gefälschter 600 Euro-Schein
Фалсификати ќе постојат додека на граѓаните можат да им се подметнат и непостоечки банкнотиФотографија: picture-alliance/dpa

Затоа сето се сведува на мртва трка меѓу емисионите банки и фалсификаторите. По фалсификатот на германскиот графичар, и американскиот ФЕД ги промени банкнотите на доларот. Кул признава: новите банкноти се навистина комплицирано направени. Но, „за добриот фалсификатор ни тоа не е проблем“, наведува тој.

Баварскиот криминолог се согласува со осудениот фалсификатор и убеден е дека тој никогаш нема да остане без работа. Докажано е дека парите се фалсификувале уште во стар Египет, а денес измамите особено со интернетот многу лесно донесуваат голема заработувачка. Но, Шефер објаснува дека фалсификаторите се посебен вид криминалци: измамниците во виртуелниот свет се „интелектуални“ личности, а вообичаено фалсификатори се занаетчиите кои со свои раце сакаат нешто да создадат.

На осудениот графичар и фалсификатор од Келн, и покрај сите мерки за заштита, му се чини дека понекогаш главниот проблем е во луѓето кои ги користат парите. Многу од нив едвај ги погледуваат банкнотите кои ги ставаат во паричниците. Затоа тој констатира дека: „Се додека на луѓето можете да им подметнете непостоечки банкноти од 75 евра, до тогаш и фалсификаторите ќе можат да прават што сакаат“.

Европската централна банка посебно го нагласи фактот дека „старите“ евро банкноти и понатаму ќе важат. Секако - ако не се фалсификати.