1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шефот на Муслиманското братство на суд

Бјерн Блашке / Елизабета М. Фиданоска9 декември 2013

Строги мерки за безбедност и вресоци во судската сала - во Каиро почна судскиот процес против шефот на Муслиманското братство и други лица, обвинети за наводен повик за убиство на политички противници.

https://p.dw.com/p/1AVVh
Мохамед БадиФотографија: Reuters

На почетокот на процесот во Каиро пред судот без изведени „духовниот водач“ на Муслиманското братство, Мохамед Бади, како и двајца негови најблиски соработници - Есам ел Еријан и Мохамед ел Белтаги. Тие се обвинети за „поттикнување на убиство“ и „нарушување на јавниот ред“.

Судски процес се води и против 12 други исламисти, обвинети, меѓу другото, за „тероризам и илегално поседување оружје“. Од високо обезбедуваната судска зграда доаѓаат малку информации. Право на снимање и фотографирање имаат само државните медиуми, поради, како што се вели, државна безбедност. Властите очигледно сакаат да спречат Мохамед Бади преку пренос во живо да го искористи судењето за сопствени пропагандни цели.

Египетските медиуми известуваат дека Бади и другите обвинети пред отворањето на судскиот процес извикувале: „Долу со воената власт“. Судијата претседавач поради тоа веднаш на почетокот на процесот дал пауза.

Ägypten Kairo Gericht
Од судската сала доаѓаат малку информацииФотографија: Gianluigi Guercia/AFP/Getty Images

Бади се товари за држење „потпалувачки“ говори, какви што на пример држеше по соборувањето од власт на исламистичкиот претседател Мохамед Мурси, инаку и самиот припадник на Муслиманското братство. Мурси беше симнат од власт на 3 јули, по масовните протести во земјата и беше однесен на непозната локација. Бади ги повика своите приврзаници на отпор против ваквиот, како што исламистите го нарекуваат, воен пуч.

Во регионот на Каиро потоа, на 15 јули, дојде до улични борби, при кои загинаа пет лица. Нивната смрт му е ставена на товар на Бади. Тој, како што се вели, со своето поттикнување омраза ги натерал исламистите на насилство и со тоа на убивање. Само еден ден по соборувањето од власт на Мурси се зборуваше дека Бади е уапсен, но тој неочекувано се појави и одржа говори во еден од двата протестни кампа на исламистите во Каиро. По расчистувањето на камповите, на средината од август, Бади навистина беше уапсен.

На крајот на октомври против Бади требаше да почне друг судски процес за смртта на деветмина демонстранти кои на 30 јуни го нападнале главниот штаб на Муслиманското братство и притоа биле убиени. Меѓутоа, тројцата судии на крајот на октомври изненадувачки се повлекоа од процесот поради пристрасност.