1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шефот на Светска банка го критикува кризниот менаџмент на Европејците

СН/АМ/дпа/ртр/миа17 јуни 2012

Ден пред почетокот на Самитот на Г20 во Мексико, претседателот на Светска банка ги критикуваше Европејците за начинот на кој се справуваат со должничката криза. Ризиците растат, порача Зелик.

https://p.dw.com/p/15GeJ
Фотографија: AP

Првиот човек на Светска банка во интервју за германскиот неделник „Шпигел“ предупреди дека политичарите во Европа во актуелната должничка криза секогаш реагираат „еден ден подоцна и ветуваат едно евро помалку“. Одолговлекувањето е опасно, истакна Зелик. Тој додаде дека иако Европската централна банка во насока на справување со европската должничка криза во повеќе наврати се погрижи за нова ликвидност, и со тоа и за добивање во време, сепак со тоа не се решени структурните проблеми кои постојат во еврозоната.

„Конечно, решавачко е пред се’ темпото во борбата против должничката криза“, рече Зелик.

„Да се дејствува многу брзо“

Според него не е толку важно каков модел притоа ќе одберат Европејците, туку од решавачко значење е да се определат само за еден и тоа многу брзо.

„Ако Европа и натаму заслабнува, ќе изгуби на глобалното влијание. За тоа мора да бидат свесни европските лидери“, рече претседателот на Светска банка во заминување за весникот „Шпигел“.

Зелик, чиј мандат истекува во крајот на јуни, за британскиот весник „Обзервер“, пак, изјави дека постои опасност Европа да влезе во ситуација еднаква на потресите предизвикани од банкротот на американската банка Леман Брадерс во 2008 година.

Во интервју за весникот, Зелик истакна дека тој на Самитот на Г20 ќе укаже на ризикот од финансиски крах во Европа, кој би имал катастрофални последици за развојот на државите.

„Европа може да се покаже дека е способна да се справи, но ризикот се зголемува“, изјави Зелик.

Банкротот на Леман Брадерс предизвика светски економски шок. Владите беа принудени да даваат помош за банките кои се соочуваат исто така со банкрот. Финансиската криза беше проследена и со длабока економска криза.