1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ширак ги повика Французите на единство по референдумот за уставот на ЕУ

1 јуни 2005
https://p.dw.com/p/AcF5
Од синоќешното обраќање на Ширак до нацијата
Од синоќешното обраќање на Ширак до нацијатаФотографија: AP

Францускиот претседател Жак Ширак во синоќешното телевизиско обраќање ги повика сонародниците на единство за национална добробит во, како што рече, „ова за Франција и за Европа тешко време на несигурност. Претседателот рече дека ќе ги брани националните интереси на европско ниво, вети енергична политика во интерес на земјата и го наведе сузбивањето на невработеноста со сите ефикасни средства како највисока цел на новата влада. За остварување на таа цел, според претседателот Ширак, неопходно е „национално мобилизирање“.

По референдумот на кој Французите го отфрлија уставот на ЕУ, Ширак го смени шефот на владата Жан-Шјер Рафарен и за нов премиер вчера го именува досегашниот министер за внатрешни и поранешен за надворешни работи Доминик де Вилпен. Во владата се враќа и Никола Саркози како министер за внатрешни работи. Тој најверојатно ќе остане и претседател на владеачката партија УМП. Во 2004-та година Ширак го стави Саркози пред ултиматум: да се откаже од министерската функција или од шефувањето со партијата, по што популарниот политичар и внатрепартиски конкурент на Ширак се реши за партиската функција. Според анкетите, Французите најмногу го посакуваа Саркози за премиер. 50-годишниот политичар има амбиции во 2007-ма година да го наследи Ширак како претседател на Франција.

Исходот на референдумот беше оценет како шлаканица за досегашниот премиер Рафарен и владата поради социјалните реформи што ги спроведуваа.