1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Широки консултации околу преговорите со Грција

Горан Петрески 8 април 2008

Во Македонија продолжуваат консултациите за евентуалната нова стратегија за решавање на спорот со Атина и отварањето на патот кон евроатланските интеграции.

https://p.dw.com/p/DeNI
Груевски и Црвенковски во Загреб, консултациите продолжуваатФотографија: DW

Премиерот Никола Груевски сеуште ги преслушува ставовите на експертската јавност во Македонија во врска со прашањето за спорт со Грција. Во владата денеска продолжија консултациите што треба да ја дефинираат стратегијата дали земјата треба да ги продолжи преговорите со јужниот сосед.

Засега не е познато што интелектуалците ќе го советуваат Груевски, дали Македонија да гради позиција за продолжување на преговорите за името или да ја прекине времената спогодба по грчкото вето и разговорите на оваа тема комплетно да запрат. Според нивните размислувања досега пласирани во јавноста може да се заклучи дека кај експертите преовладуваат тврди непопустливи ставови кога е во прашање оваа тема.

По грчкото вето во Букурешт, премиерот Груевски изјави дека нема веднаш да донесува какви било одлуки туку ќе почека работите да стивнат, за да може потоа државниот врв да ја подготви натамошната стратегија.

Шефот на државата Црвенковски, најавувајќи дека низ јавна дебата ќе се гради македонската позиција рече дека Македонија мора да ја искористи исклучителната поддршка што во моментов ја добива од САД, но без притоа да го загрози националниот идентитет.