1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Широк фронт против ЕУ

25 февруари 2012

„Коалиција на незадоволните“, која опфаќа 26 држави, има намера да ги торпедира давачките предвидени од ЕУ за заштита на климата во воздушниот сообраќај. На средба во Москва таа ги договараше наредните постапки.

https://p.dw.com/p/14A2J
Фотографија: dapd

ЕУ во јануари еднострано воведе обврска за воздухопловните компании да плаќаат за дел од нивните емисии на јаглендиоксид (ЦО2) при летовите од- и кон Европа. Поголема група држави во меѓувреме се организира за одбрана против правилата на ЕУ за заштита на климата во воздушниот сообраќај. Таа самонаречена „коалиција на незадоволните“ се состана кон средината на неделата (22.02.2012) во Москва.

„Демонстриравме решеност да побараме укинување или одложување на давачките за емисии на ЦО2“, истакна рускиот заменик-министер за сообраќај Валери Окулов по дводневната средба на претставници на 26 држави, меѓу нив и Кина и Индија. Секоја земја самостојно ќе реши како ќе постапува против европските правила за заштита на климата.

Модерна трговија со емисии на гасови

ЕУ во 2005 година за индустријата воведе трговија со емисии на ЦО2. Во таа трговија со издувни гасови сега мораат да учествуваат и воздухопловните компании. Тие во почетокот добиваат бесплатно 85 проценти од правата за загадување со издувни гасови. Наредната година стапува во сила обврска да мораат да купат сертификати за преостанатиот дел. Уделот на бесплатните права потоа постепено ќе се намалува. Ако авиокомпаниите одбијат да учествуваат во трговијата, им се заканува парична казна, а во краен случај и забрана за полетување и слетување во Европа.

Flugzeug Kondensstreifen Frankfurt am Main Emissionshandel Verschmutzungsrechte EU
Поголема група држави се организира за одбрана против правилата на ЕУ за заштита на климата во воздушниот сообраќајФотографија: picture-alliance/dpa

Рускиот министер за сообраќај Игор Левитин изјави дека за воведување вакви давачки за емисии на гасови е потребна согласност од сите држави-членки на Меѓународното здружение за воздушен транспорт (ИАТА). Едностраниот потег на ЕУ, според него, неизбежно води кон покачување на цената на билетите. Претставник на руската авиокомпанија „Аерофлот“ ги процени трошоците за трговијата со сертификати до 2025 година на околу 800 милиони евра.

Камо противпредлози?

„Наместо да не‘ критикуваат, другите земји побргу би требало да поднесат конструктивни предлози, ако се сериозни во поглед на еден глобален договор за заштита на климата“, изјави претставник на еврокомесарот за заштита на климата Кони Хедегард во Брисел.

Flugzeug Kondensstreifen Verschmutzung Klimawandel Sonne
САД, Кина, Русија, Бразил и други држави од поодамна се мобилизираат против прописите на ЕУ за климата и во Москва договорија каталог на средства за притисокФотографија: picture-alliance/dpa

Во Меѓународната воздухопловна организација (ИЦАО) со години се води спор за воспоставување глобален систем за редуцирање на емисиите на ЦО2 во воздушниот сообраќај. Кај ИЦАО, каде има утврдена постапка за арбитража во случај на конфликти, можни се формални поплаки против ЕУ. Во Унијата владее увереност дека таму ќе може да го одбрани својот закон. Впрочем, по тужба од американска авиокомпанија, Европскиот суд неодамна пресуди дека решението на ЕУ не е во спротивност со меѓународното право.

САД, Кина, Русија, Бразил и други држави од поодамна се мобилизираат против прописите на ЕУ за климата и во Москва договорија каталог на средства за притисок. „Коалицијата на незадоволните“, на пример, би можела да ги прекине преговорите со европски авиокомпании за нови маршрути на летовите или да им воведе давачки. Се дознава дека Русија наводно планира да воведе специјални давачки за европските авиокомпании за летовите кон Азија преку Сибир. Првобитно Москва планираше од 2014 година целосно да ги укине таксите за летови преку Сибир.

Саудиска Арабија треба в лето да ја организира наредната средба на противниците на заштитата на климата.

Автор: Ролф Венкел / Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска